Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски свесно создава конфликти


Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на изјавата на градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски по одлуката за стопирање на изградбата на катна гаража спроти хотел Бристол, оценува дека новиот градоначалник веќе петти ден се занимава со тоа како да опструира, како да блокира и како да стопира работи кои се градат.

„ Веќе неколку дена свесно создава конфликти за работи и постапки кои воопшто не се во надлежност на Општина Центар. Општина Центар нема надлежност, ниту законска можност да ја стопира изградбата на овие објекти, а Жерновски е целосно свесен за тоа и упорно продолжува да ги лаже граѓаните. Жално е што последниците од ова негово лажење ќе ги сносат граѓаните на Општина Центар“,

се вели во реакцијата. Жерновски, според владејачката партија, добро знае дека според Деталниот урбанистички план на локацијата на која што тој денеска зборуваше, е предвидена изградба на катна гаража. Деталниот урбанистички план е донесен во законска и транспарентна постапка и е актуелен и применлив. Локацијата, за која што Жерновски зборува, врз основа на Деталниот урбанистички план, е продадена на јавна лицитација на најповолниот понудувач со исклучиво право таму да биде изградено тоа што е предвидено според Деталниот урбанистички план, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG