Достапни линкови

logo-print

Критиките стигнаа, државниот врв „избега“ во странство


Отсуството на државното раководство во време кога земјава добива сериозни критики од Стејт департментот и нови приоритети кои Европската унија ги препорача во последниот извештај, значи дека власта не е заинтересирана за евроатланските интеграции, вели поранешниот пратеник Насер Зибери.

Македонскиот државен врв се однесува како да живее на пуст остров, без контакти со надворешниот свет и без корелација со никој, сликовито го прикажува однесувањето на властите политичкиот аналитичар Насер Зибери. Отсуството на државното раководство во време кога земјава добива сериозни критики од Стејт департментот и нови приоритети кои Европската унија ги препорача во последниот извештај, значи дека власта не е заинтересирана за евроатланските интеграции, вели Зибери.
Државниот врв сметам дека ќе продолжи со ваквата политика бидејќи мислам дека не е заинтересиран овие прашања да се решат што побрзо и Македонија да добие и датум за преговори и членство во НАТО.

„Државниот врв сметам дека ќе продолжи со ваквата политика бидејќи мислам дека не е заинтересиран овие прашања да се решат што побрзо и Македонија да добие и датум за преговори и членство во НАТО“, вели Зибери.
Архивска фотографија: Претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во кабинетот на Претседателот.

Архивска фотографија: Претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во кабинетот на Претседателот.


Факт е дека приоритетите на оваа Влада се насочени кон економските прашања и привлекувањето на инвестиции, што ни го покажува и последното роуд шоу во јужна Америка, вели универзитетскиот професор Никола Дујоски. Но, според него, не треба да се заборави дека за нас во овој момент уште поважни е евроатлантските интеграции.
Тоа би било извонредно добро ако во исто време паралелно и овде се туркаат процесите од европските интеграции или односите со Грција ако сакате, а мислам дека тоа не е приоритет на оваа влада, за жал.

„Тоа би било извонредно добро ако во исто време паралелно и овде се туркаат процесите од европските интеграции или односите со Грција ако сакате, а мислам дека тоа не е приоритет на оваа влада, за жал“, вели Дујовски.

Нашите соговорници сметаат дека ваквиот однос на државниот врв го нарушува меѓународниот имиџ на земјава и во очите на светот остава впечаток дека сме несериозна и неодговорна држава.

„Ние сме некако сконцентрирани единствено и само на привлекувањето на странските инвестиции, кои да не заборавиме, нема да дојдат ако не си ги средиме овие работи во однос на судството или на парламентарното однесување итн.“, вели Дујовски.

Македонија има два сета на приоритети, внатрешни и надворешни кои Владата ги разбира како наметнати и само формално ги прифаќа, вели професор Стево Пендаровски, кој е и член на Советот за безбедност и НАТО интеграции на СДСМ. Не е чудно тоа што во овој период отсуствуваа скоро сите државни функционери од земјава, туку тоа што останаа без коментар на извештаите и критиките, вели Пендаровски.

„Јасно е дека е можно коментирање и од Аризона или од не знам каде, прашање е дали сакате и дали намерно ве нема во јавноста два-три дена, иако сме сведоци дека во изминативе години за маргинални политички настани во Македонија можеа по 5-6 партиски соопштенија да се дадат, а за овие побитни работи имаме молк по два-три дена и тоа се оправдува со наводно нивно физичко отсуство од државата, тоа е смешно“, вели Пендаровски.

Веднаш по добивањето на пролетниот извештај од Европската унија и оној на Стејт департментот, владина делегација замина по „лов на инвестиции“ во Азербејџан и во земјите од Јужна Америка, шефот на државата е во посета на Канада и САД, собранискиот спикер беше во Кипар, а министерот за надворешни работи на меѓународни конференции во Женева, Брисел и Берлин.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG