Достапни линкови

Има ли формула за македонско - грчкиот спор?


Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Димитрис Аврамопулос и Никола Попоски во Њујорк на 24 септември 2012 година.
Архивска фотографија: Средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Димитрис Аврамопулос и Никола Попоски во Њујорк на 24 септември 2012 година.

Новиот балкански дух по постигнувањето на српско-косовскиот договор не се гледа во Скопје и пред сè во Атина. Брисел се труди и ова прашање да го реши и македонските аналитичари се надеваат дека ќе се најде формула за да се отвори патот за Македонија во НАТО и ЕУ. Тие велат дека Брисел и Вашингтон добро разбираат дека на Грција не ѝ се брза.

Во време на видливи напори за решавање на регионалните прашања кои треба да го олеснат евроинтегративниот пат на Западен Балкан кон Брисел, реториката меѓу Македонија и Грција останува непроменета. Првите луѓе на двете дипломатии се обидуваат да докажат дека до компромис не се доаѓа оти тоа не го сака другата страна, а македонската стручна јавност ја истакнува важноста на домашната клима за решавање на спорот за името.
Секој секого чека, секој секого демне, кој ќе биде предавникот. Во таква ситуација се разбира политичарите ќе бегаат од инволвирање и ќе го одложуваат. Тоа во моментов го прави раководството на Македонија.
Денко Малески, универзитетски професор, поранешен министер за надворешни работи.

Кога имаме политички елити кои работат на заемно уништување, кога се нема дијалог и кога постои неможност да се обединиме околу ништо, не може да очекуваме градење на заеднички став кој ќе ги забрза разговорите со Грција, вели универзитетскиот професор Денко Малески.
Премиерот Никола Груевски се сретна со шефицата за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон во Скопје на 16 април 2013 година.
Премиерот Никола Груевски се сретна со шефицата за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон во Скопје на 16 април 2013 година.

„Секој секого чека, секој секого демне, кој ќе биде предавникот. Во таква ситуација се разбира политичарите ќе бегаат од инволвирање и ќе го одложуваат. Тоа во моментов го прави раководството на Македонија“, вели Малески.
Улогата на Брисел доаѓа сè повеќе до израз и надежта е дека тие ќе најдат некаква формула со решение во рана фаза или што било, само да ѝ го отворат патот на Македонија.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

По последната изјава на грчкиот шеф на дипломатијата Аврамопулос, поранешниот дипломат Ристо Никовски гледа конфронтација меѓу Атина и Брисел. Факт е дека Грција воопшто не е заинтересирана да се реши овој спор, вели тој.

„Од друга страна, исто така е апсолутно видливо дека Брисел ги прави сите напори да се излезе од ќор-сокакот“, вели Никовски.

Во меѓународниот систем кој функционира врз принципите на моќта, влијанието и заедничките интереси, очекувано е сојузот да ги штити интересите на своите членки, меѓу нив и на Грција, потсетува Малески. Сепак, додава дека на Атина и одговара одолговлекување на спорот за името.

„Има една многу загрижувачка тенденција на пораст на десницата којашто по прашањето за името е многу тврда, агресивна, заедно со премиерот којшто е познат по своите ставови кон Македонија и испаѓа дека, ако Македонија сака нешто да постигне, таа мора да соработува со Брисел, со Вашингтон и на тој начин да се изврши притисок и да се привлечат кон решение оние сили кои не се радикални во Грција“, вели Малески.

Според Никовски, пак, нема дилеми дека Брисел и Вашингтон ја разбираат вистинската позиција на Грција. Тој вели дека со оглед на политичката ситуација таму, тешко е да се очекува дека Грција ќе се согласи на какво било решение.

„Улогата на Брисел доаѓа сè повеќе до израз и надежта е дека тие ќе најдат некаква формула со решение во рана фаза или што било, само да ѝ го отворат патот на Македонија“, вели Никовски.

Пред два дена министерот за надворешни работи на Грција Димитрис Аврамопулос изјави дека Скопје забележало значајно назадување и дека добрососедските односи се влошиле. Неговиот македонски колега Никола Попоски одговори дека изговорите се специјалност на некој друг и оти клучот е во Атина.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG