Достапни линкови

Ваши коментари - Името и евроинтеграциите


Компромис за името за напредување во евроинтеграциите е темата во нашиот Хајд Парк на која има различни коментари.

Како особено актуелни, нашите евроинтеграции, но условени со решавање на проблемот со името, си најдоа свое место и во Хајд Паркот на Радио Слободна Европа. Веројатно плашејќи се од губење на идентитетот поради евентуалната промена на уставното име, посетителот на нашата веб-страница потпишан со 1903-та кратко и јасно напишал: „Јас не сакам ни во НАТО ни во ЕУ“, а Александар потсетува дека Европа и НАТО постојат врз основа на утврдени принципи, и дека во нашиот случај се прави преседан.
Ако сакаат да изведуваат некакви деривации ексклузивни само за нас, тогаш, тоа е нивен проблем од кој ние немаме загуба, но немаме ни бенефит.

„Ако сакаат да станеме членки под нивните принципи, тогаш, тука сме“ - пишува Александар, а „ако сакаат да изведуваат некакви деривации ексклузивни само за нас, тогаш, тоа е нивен проблем од кој ние немаме загуба, но немаме ни бенефит“. МК Обсервер ги нарекува припадниците на администрацијата на Унијата во Брисел „неокомунистички апаратчици“ и им порачува „да престанат да глумат лудило кога ни се обраќаат нам, овде во Македонија“.

Редовниот Полат Алемдар е категоричен: „Ако треба да се смени името за влез во НАТО и ЕУ, одговорот е не... Ако треба да се погази идентитетот на народот за влез во НАТО и ЕУ, одговорот е не...“ Алемдар смета дека мултиетничка Европа веќе се распаѓала, а народот како слепец не можел да види дека неговите пари ќе оделе за Данајците (Грците) и за ќеифот на Меркел која сметала дека Европа и еврото морале да опстанат.

Компромис за името за напредување во евроинтеграциите? Кое е вашето мислење? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде.
Текстот на колешката Тумановска за „Бескорисните роуд-шоуа на премиерот и неговите соработници до крајот на светот и назад“ го предизвикал Трајко од Куманово да ѝ порача на нашата редакција дека реализирајќи некои туѓи цели не сме ја поганеле власта туку сопствената држава. Некој смета дека „нема потреба од такви роуд-шоуа зашто има доста Македонци по белиот свет кои во секој момент би се вратиле во Македонија и би ги вложиле заработените пари“, ама - како што пишува – „правната несигурност, корупцијата и друго се главните причини што ги одвраќаат од тоа“. Некој смета дека сите наши соседи побрзо се развиваат од нас, дека дури и Косово побрзо ќе ги исполнело критериумите за влез во Унијата и дека кај нас сè уште важела онаа народната, да му умре козата на комшијата.

Гоце, Газда од Соравија и Баже се препукуваат кој министер за финансии и кој партиски лидер бил подобар, при што Газдата го потсетува Гоцета дека парите што актуелната власт ги троши се државни, односно народни пари, а не, како што вели, „на татко ти и на Грујо“. Баже, пак, иронизира: „Да чекаме случајни инвеститори и да го вратиме БЦ власт“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG