Достапни линкови

Победниците на локалните избори се знаат. Изборите беа мирни, но колку навистина беа фер. Според некои аналитичари, оценката на меѓународниот фактор е поблага, поради, како што велат, висока политика. Нотирани се старите болки, но и новитети кога станува збор за нерегуларностите.

Изборот на локални власти конечно заврши. Со повторувањето на гласањето од вториот изборен круг во Струга, Долнени и скопските општини Центар и Ѓорче Петров победниците само ја зацврстија својата убедлива победа. Последните резултати покажуваат дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 градоначалнички фотелји, Сојузот на иднината предводен од СДСМ 4, ДУИ освои 14, ДПА освои две, исто толку има и независни кандидати кои станаа градоначалници и еден градоначалник од Српската напредна странка.
Овде мора да се каже јасно и гласно дека голем дел од нерегуларностите во овој изборен процес се генерирани токму од оние што располагаа со механизмите на инститруциите на власта, како на централно така и на локално ниво.

Овие локални избори кои ја преокупираа јавноста со месеци оставија негативна трага поради нерегуларностите и преписките за улогата на Државната изборна комисија и Управниот суд.
Џабир Дерала, претседател на невладината организација Цивил држи прес-конференција во Скопје.

Џабир Дерала, претседател на невладината организација Цивил држи прес-конференција во Скопје.


Структурното насилство, институционалниот притисок врз гласачите, демографската интервенција во избирачкиот список, спречувањето на активисти од невладини организации, новинари и претставници на дипломатскиот кор, да пристапат кон гласачките места, медиумските спинови, како и зголеменото присуство на вооружени полицијаци на избирачките места само укажуваат на фактот дека изборите беа мирни, но не и фер, велат аналитичарите и оние кои одблиску го следеа изборниот процес.

„Овде мора да се каже јасно и гласно дека голем дел од нерегуларностите во овој изборен процес се генерирани токму од оние што располагаа со механизмите на инститруциите на власта, како на централно така и на локално ниво. Структурното насилство и социјалните неправди оставија силен печат врз граѓаните особено они кои живеат во сиромаштија. Болните, лицата со посебни потреби, децата и младите, невработените, корисниците на социјални надоместоци, сиромашните сето тоа се луѓето кои беа масовно злоупотребувани, уценувани и манипулирани врз кои падна товарот на недемократското делување на центрите на моќ,“ вели Џабир Дерла од невладината организација Цивил.​
Тој додава дека на последното прегласување во Центар уште еднаш се употреби демографска интервенција со што покрај носењето на граѓани од Пустец, овој пат како замена за жителите на Центар беа носени и граѓани од Велес, Струмица, Кавадарци и скопските општини Аеродром и Бутел.
Кога граѓаните мислат дека тие што победиле, не победиле на фер начин тогаш, одеднаш не ја чуствуваат таа власт како своја и се зголемува јазот меѓу власта и граѓаните. Тоа барем на среден рок се одразува негативно на секоја власт која одбира преку изборни нерегуларности да победува на избори.

Аналитичарот Здравко Савески вели дека ова беа едни од најнерегуларните избори во историјата на независна Македонија заедно со тие во 1994 година, а тоа негативно се одразува врз внатрешно политичката ситуација. Савески смета дека власта го занемарува фактот колку граѓаните ја перцепираат како легитимна победата која е добиена на нечесен начин.

„Кога граѓаните мислат дека тие што победиле, не победиле на фер начин тогаш, одеднаш не ја чуствуваат таа власт како своја и се зголемува јазот меѓу власта и граѓаните. Тоа барем на среден рок се одразува негативно на секоја власт која одбира преку изборни нерегуларности да победува на избори.“

Тој додава дека нерегуларностите во изборниот процес создаваат негативна слика за земјата и на надворешно политички план, иако состојбата во тој поглед е покомплицирана затоа што станува збор за висока политика.

„Бидејќи тоа е повисока политика, каде што некој може да смета дека има голем број на изборни нерегуларности а сепак да каже дека сето тоа течело сосема во ред или со мали пречки. И во овој момент поради таа висока политика оценката од меѓународната заедница може да биде далеку поблага од она што навистина во Македонија се случи и од тоа што ние го гледавме со свои очи.“
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG