Достапни линкови

Дневен печат - Посетата на Ештон на насловните страни


Топ вести изминатата недела во земјава се извештајот за Македонија презентиран од еврокомесарот Филе и посетата на првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон.

Вести број 1 во изминатата недела во земјава се извештајот за Македонија презентиран од еврокомесарот Филе и посетата на првиот дипломат на Унијата, Леди Ештон. И како што секогаш бива со тие работи, секој медиум си ги толкува од свој агол на гледање, а на простосмртните им останува сами да си ја изберат вистината.
Напредок во реформите, но не и во политичкиот дијалог.
Утрински весник.

Утрински оди со наслови: „Напредок во реформите, но не и во политичкиот дијалог“ и „Филе бара спроведување на мартовскиот договор“. Но затоа Вечер со голем наслов пишува: „Ештон во Скопје, Филе од Стразбур: Имате прогрес во сите области“. Нова Македонија го издвојува делот за добрососедските односи: „Напредуваме со Грција и со Бугарија, дома тапкаме во место“.
Ештон: единствен пат за вашата ЕУ интеграција е решение за името.
Капитал.

Дневниот Капитал го вади проблемот со името: „Ештон: единствен пат за вашата ЕУ интеграција е решение за името“. И Утрински, ден по посетата на Леди Ештон нагаѓа: „Ештон во бриселска операција во Скопје - Се стеснува ли кругот околу Македонија за спорот со името?“

Поврзано со нашите евроинтеграции, бранување од ден-два предизвика и колумната на лидерот на коалициониот партнер во Владата, ДУИ: „Ахмети побара храброст, па сите замолчеа“ - пишува Утрински, а Дневник насловува: „ВМРО-ДПМНЕ му порача на Ахмети: НАТО - да, но без уцени и диктати од Грција“.

И, да, ќе има прегласување во општина Центар и во Струга. Сите медиуми го објавија решението на Управниот суд, иако без многу врева и возбуда помина веста дека претседателот на Управен си поднесе оставка веднаш откако беше објавена одлуката на Судот. Дневник ги цитира зборовите на Жерновски дека: „Ќе се бориме до крај и ќе оствариме убедлива победа“, а Нова Македонија објави дека „симпатизери на Жерновски му дадоа црвен картон на Тодоровиќ“. Утрински информира дека победникот во Струга, кандидатот на ДПА, Села, најави тужби за сите судии на Управниот суд, а Утрински дека бил приведен членот на раководството на ВМРО-НП, Слободан Близнаковски, кој коалицираше со СДСМ, за наводни закани кон една членка на владејачката партија.

И, како крај, Утрински шпекулира дека Шеќеринска и Заев ќе го преземеле раководењето со СДСМ и ќе функционирале како двоецот Обама-Бајден. Од друга страна, Дневник известува дека во опозициската партија размислувале за враќање на исклучените, а за дневниот Капитал, поранешниот СДСМ-овец Бучковски го најавува скорешното формирање на граѓанско движење со име Граѓанска алијанса за позитивна Македонија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG