Достапни линкови

Нејасна препорака за почеток на преговорите со ЕУ


Проблемот со Грција е издигнат на ниво на критериум за почеток на преговори поради декларативната заложба за членство во Унијата и поради слабата имплементација на законските директиви, велат дел од аналитичарите.

Посетата на Ештон и извештајот се во контекст на создавање на атмосфера за решавање на спорот со името, велат политиколозите. Според нив, проблемот со соседна Грција е издигнат на ниво на критериум за почеток на преговори поради декларативната заложба за членство во Унијата и слабата имплементација на законските директиви.
Од наша страна нема сосема јасни сигнали дека се спремни за некаков посериозен зафат во однос на името, така што изгледа дека не случајно изостанува јасна формулација за препораката за преговори.

Политикологот Мерсел Биљали смета дека меѓународната заедница цели кон создавање на политичка атмосфера за постигнување на решение за името.

„Од наша страна нема сосема јасни сигнали дека се спремни за некаков посериозен зафат во однос на името, така што изгледа дека не случајно изостанува јасна формулација за препораката за преговори“, вели Биљали.

Решавањето на спорот е критериум за почеток на преговорите, за што има јасни потврди од меѓународната заедница, смета политикологот Соња Стојадиновиќ.
Навистина да ги имплементиравме директивите во законите, и не само да ги имплементиравме, туку и да ги реализиравме на терен, на некој начин проблемот со името ќе ни беше прогледан низ прсти.

„Трагично е што еден билатерален политички наметнат проблем се врзува за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, но од друга страна, ние не можеме нон-стоп да ја обвинуваме ЕУ, затоа што нашите заложби за евроинтеграции можам да ги наречам само декларативни.“

Решението за спорот ќе овозможи почеток на преговори, а не инстант членство во унијата, потсетува Стојадиновиќ.

„Навистина да ги имплементиравме директивите во законите, и не само да ги имплементиравме, туку и да ги реализиравме на терен, на некој начин проблемот со името ќе ни беше прогледан низ прсти и одамна ќе добиевме датум за преговори и веќе ќе ги водевме преговорите“, вели Стојадиновиќ.

Нема очекувања за експресно решение на спорот со Грција, вели политикологот Биљали.

„Навистина очекуваат некој посериозен зафат, некоја начелна согласност за општите рамки како би требало да се реши проблемот за името, но од наша страна има само молк и тактизирање. Тоа може да биде многу контрапродуктивно“, вели Биљали.

Решението за спорот за името без одложување е клучот за влез на Македонија во ЕУ, порача Кетрин Ештон при посетата во Скопје.
XS
SM
MD
LG