Достапни линкови

ФБИ ја предводи истрагата за експлозиите во Бостон


Најмалку три лица биле убиени, а над 140 ранети, од нив 20 потешко, во експлозии на две бомби во близина на целта на традиционалниот маратон во Бостон. Меѓу жртвите имало и деца. Бостонската полиција соопшти дека се уште не се познати извршителите и мотивите за нападот.

Истрагата за бомбашките напади на традиционалниот маратон во Бостон во кои најмалку три лица загинале, а над 140 биле ранети ја презеде Федералното истражно биро, ФБИ, кое ги прегледува видео снимките на гледачите.

„Стоев на линијата за финиш и ги сликав тркачите кога на десетина метри од мене слушнав голема експлозија. Кога ги отворив очите сфатив што се случи. Тоа беше најлошто нешто што сум го видел во животот. Млади луѓе лежеа на земја во крв, вистински хаос“, вели Дејвид Абел, репортер на „Бостон глоуб“.

​Неколку километри од целта на трката скоро во истовреме дошло и до пожар во претседателската библиотека Џон Кенеди. Полицијата соопшти дека се уште не е познато дали тоа било поврзано со експлозиите.

Во некои извештаи се наведува дека била откриена барем уште една експлозивна направа која била успешно демонтирана.
Досега никој не ја презеде одговорноста, а полицијата соопшти дека нема ни осомничени за нападот. Претставник Федералното истражно биро изјави дека бомбашките напади биле третирани како можна терористичка истрага.
Стоев на линијата за финиш и ги сликав тркачите кога на десетина метри од мене слушнав голема експлозија. Кога ги отворив очите сфатив што се случи. Тоа беше најлошто нешто што сум го видел во животот. Млади луѓе лежеа на земја во крв, вистински хаос.
Дејвид Абел, репортер на „Бостон глоуб“.

Американскиот претседател Барак Обама вети дека властите ќе ги најдат одговорните за нападот и ќе ги изведат пред лицето на правдата. Зборувајќи неколку часа по експлозиите тој нив не ги поврза со тероризам, прецизирајќи дека истражните органи се уште ги испитуваат фактите.

„Се уште не знаеме кој го стори ова и луѓето не би требало да изведуваат заклучоци пред да ги имаме сите факти. Но, едно е сигрурно, ќе ги најдеме оние што стојат зад нападот.“

Неименуван претставник на Белата куќа веднаш потоа изјави дека очигледно станува збор за терористички акт.

„Секогаш кога има повеќе експлозии како што е случајот во Бостон, тогаш се работи за акт на терор и ние така ќе му пристапиме. Како и да е, засега не знаеме кој го изврши нападот. Во текот на истрагата ќе утврдиме дали тој бил планиран и извршен од терористичка група, домашна или странска“, го цитираат агенциите неименуваниот претставник на Белата куќа.

Обама додаде дека властите ќе ја зацврстат безбедноста околу Соединетите Држави, доколку е тоа неопходно. Веднаш по експлозиите во Бостон безбедноста беше зголемена во поголемите американски градови како Њујорк и Лос Анџелес, но и во Лондон каде што в недела исто така треба да се одржи маратонска трка.

На бостонскиот маратон, кој се смета за најстара таква манифестација во светот, учествуваа повеќе од 23 илјади тркачи од десетици земји. Таа се одржува за време на Патриотскиот ден, празник на државата Масачусец во знак на сеќавање на битките од американската војна за независност.

Најсмртоносните терористичките напади врз Соединетите Држави се случија на 11 септември 2001 година кога членови на Ал Каеда со два грабнати авиона удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк при што загинаа скоро 3000 луѓе.

Со третиот грабнат авион беше погоден Пентагон во Вашингтон, додека четвртото грабнато летало падна во Пенсилванија.

Оттогаш сите обиди за други слични напади во Соединетите Држави беа успешно осуетени.
Експлозии во Бостон
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG