Достапни линкови

Горан Бојчевски - Кларинет што раскажува звучни приказни


Горан Бојчевски, кларинетист.
Горан Бојчевски, кларинетист.

Горан Бојчевски е кларинетист и композитор. Автор на музиката за балетот „Хе-хе-хелиум“ за кого кореографијата ја напиша Игор Киров, солист на бројни оркестри, член на познатата словенечка група „Тера фолк“ и виртуоз кого македонската публика конечно ќе го запознае преку музицирањето со потентните „Кабадајас“.

Во саботната ноќ кога Скопје стенкаше под турбо-поп-фолк-еротиката на Северина, во киното „Фросина“ во МКЦ, се случи перформанс кој ја крепи вербата дека овде и сега сè уште виреат творци кои стамено стојат пред сопственото дело. Имено, без многу медиумски таламбаси, „Кабадајас“ ја сторија концертната промоција на своето првенче „IV“, албум на кој мудро се вкрстени свирачкото искуство и потребата да се експериментира во етно, џез, фанк, та дури и на моменти класичната музика. Искрено, инспиративно, со многу енергија, умешност и со силна посветеност.
Јас се чувствував одлично и импровизациите што ги правевме имаа почеток, кулминација и свој крај, па затоа верувам дека успеавме да им раскажеме некоја приказна на луѓето кои што присуствуваа на концертот и да ги натераме и тие да се чувствуваат како да се дел од нас.
Горан Бојчевски, кларинетист.

Од таму, нималку не чуди кога кларинетистот Горан Бојчевски ќе ви каже дека нему овој концерт му бил воодушевувачки и дека тој, заедно со своите музички истомисленици Дино Милосављевиќ на тапани, Џоле Максимовски на бас и гитаристот Зоран Костадиновски, се потрудиле да делуваат како здрава и динамична целина, што е најбитната карактеристика на еден бенд.

„Јас се чувствував одлично и импровизациите што ги правевме имаа почеток, кулминација и свој крај, па затоа верувам дека успеавме да им раскажеме некоја приказна на луѓето кои што присуствуваа на концертот и да ги натераме и тие да се чувствуваат како да се дел од нас.“
Јас живеев 10 години насекаде низ Европа, концертирав, се изнаобразував и тн. и сега сум на овие простори. Сакам да и го дадам својот придонес на нашата култура и верувам дека наскоро ќе добијам покана како класичен музичар да и се претставам на македонската публика бидејќи најдоброто нешто и за мене најпочитуваното е кога настапуваш дома, таму каде што ти се корените. Тогаш се чувствува и најголемата одговорност.
Горан Бојчевски, кларинетист.

Бојчевски забележува дека тие во звучната авантура наречена „Кабадајас“ влегле откако се запознале и заедно музицирале во „Балкан суперселекшн“ (бенд во кој се и големите мајстори како Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов, Васил Хаџиманов, Марко Рамљак...) и со оглед на тоа што доаѓаат од различни музички светови и сето тоа дополнително само ја збогатило нивната интерпретација.

„Кабадајас е група и музика што е посебно зачинета и мислам дека сите луѓе што држат до сопствениот вкус можат да уживаат во неа“, вели Бојчевски.

Тој верува во иднината на бендот, а како илустрација за тоа потсетува на нивниот минатогодишен успешен концерт во Словенија. Наедно дополнува дека снимките веќе им ги пуштал на авторитети во Австрија и Германија што подразбира дека, иако свират некомерцијална музика, во претстојниот период не е исклучено тие позачестено да се појавуваат на сцените и на фестивалите во тој дел на Европа.
Во преговори сме со Симфонискиот оркестар на РТВ Љубљана да настапиме во Крижанке наредната година и за тој голем концерт добив покана јас да напишам нов материјал, нови композиции што ќе биде голема чест за мене како автор мојата музика да биде изведувана на едно такво елитно место.
Горан Бојчевски, кларинетист.

Инаку, роден 1982 година во Битола, Бојчевски влегува во редот на кларинетистите кои излегле од класата на ценетиот професор Панде Татарчевски. Како повеќекратен добитник на први награди на републичките натпревари, тој школувањето го продолжил најпрвин на Факултетот за музичка уметност во Скопје, за да во 2006 година дипломира со највисока оцена во Љубљана, Словенија. Настапувал како солист на Академскиот симфониски оркестар, бил член на Оркестарот на Словенечката опера и балет, како солист на Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија во 2009 година свирел во Париз на примопредавањето на претседателствувањето со Европската унија, за да минатата година магистрира на престижниот Универзитет „Моцартеум„ во Салцбург кај светски познатиот кларинетист и член на Берлинската и Виенската филхармонија – Алоис Брандховер.

По негова сугестија македонскиот музичар започнува активно да се занимава и со компонирање и во 2011 година ја пишува целовечерната Свита за пет солисти и оркестар која што е прогласена за концерт на годината во Словенија.

Бојчевски има снимено неколку албуми со класична музика, а како солист настапувал и во Англија, Франција, Ирска и во други земји, но не и во родната Македонија.

„Јас живеев 10 години насекаде низ Европа, концертирав, се изнаобразував и тн. и сега сум на овие простори. Сакам да и го дадам својот придонес на нашата култура и верувам дека наскоро ќе добијам покана како класичен музичар да и се претставам на македонската публика бидејќи најдоброто нешто и за мене најпочитуваното е кога настапуваш дома, таму каде што ти се корените. Тогаш се чувствува и најголемата одговорност“, вели Бојчевски.

По четиригодишна соработка, македонскиот кларинетист кој живее во Цеље, во 2011 година стана регуларен член и на познатата словенечка група „Тера фолк“, која е добитник на „BBC World Award“ .

„Во преговори сме со Симфонискиот оркестар на РТВ Љубљана да настапиме во Крижанке наредната година и за тој голем концерт добив покана јас да напишам нов материјал, нови композиции што ќе биде голема чест за мене како автор мојата музика да биде изведувана на едно такво елитно место.“

Бојчевски е и автор на музиката за меѓународниот проект „Хе, хе, хелиум“ за кого кореографијата е дело на нашиот Игор Киров и чија премиера се случи неодамна.

„Премиерата беше на 2 март во Велење и балетот доживеа стоечки овации од публиката, а музиката беше посебно наградена. Инспирацијата ја црпев од самата приказна, од тоа што сме го доживеале во минатото на југословенските простори, од пријателствата на луѓето од различните држави, па се до конфликтите и војните и сето тоа е собрано во балетот што трае точно 46 минути и кој неизоставно треба да го види и публиката овде во Македонија“, вели Бојчевски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG