Достапни линкови

Бесими - Очекуваме интензивирање на дијалогот за името


Во однос на прашањето за името очекуваме да има интензивирање на дијалогот во тој дел, со цел да може до јуни да се заокружи и да се покаже конкретен напредок во тој дел, затоа што тие се работи кои се ставени како заклучоци на декемврискиот извештај, вели вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Бесими, го водиме разговорот непосредно пред објавувањето на извештајот за Македонија, какви се вашите очекувања имајќи предвид дека вие имавте лични разговори со еврокомесарот Филе, а со оглед и на неговиот остар настап?

Јас очекувам еден објективен извештај со нотирање на сите реформи и работи што се направени во овој период од декемвриските заклучоци наваму и приоритетите што се дефинирани во високиот пристапен дијалог за членство на Македонија во Европската унија, како и тие теми кои беа во декемвриските заклучоци во Советот на Европа, како што се приоритетите на ХЛАД, добрососедските односи и прашањето за името. Овие работи ќе бидат нотирани во извештајот и очекувам тој да биде објективен со нотирање на прогресот што Македонија го има направено во овој период, но секако таму ќе ги има и работите што ќе следат во наредниот период, што треба да ги направи владата на Република Македонија до јунскиот самит на земјите членки на ЕУ.

Дали оваа посета на Филе може да смени нешто на подобро или на полошо во извештајот, со оглед на неговото расположение кое осетно се промени на крајот?

Мислам дека посетата и имаше таква функција, да промени нешто во извештајот во позитивна смисла, да се внесат повеќе елементи за прогрес во Република Македонија. Тој самиот јавно кажа дека од тоа што беа утврдени како итни приоритетни активности во рамките на ХЛАД, после неговата посета во март, најголем дел од нив се направени. Тој нотираше работи кои се направени во реформите во владеењето на правото, претходно во дијалогот со медиумите во однос на измените во законот, со препорака дека во законот за медиумите да има поголема инклузивност на медиумите, новинарите и повторно да се воспостави отворен дијалог со медиумите, потоа во делот на изборните реформи потсети дека препораките треба да се преземат, значи овие работи за кои се смета дека се направени во меѓувреме да се нотираат и за одредени работи за кои сметаше дека има простор да се подобрат додека се прави нацрт текстот на извештајот, да може да се направат за да може да се нотираат. Значи целта беше да се најдат аргументи повеќе, да се стават во функција на Република Македонија и извештајот има таква функција, да презентира колку Македонија покажа прогрес во процесот на интеграција кон ЕУ. Посетата покрај оваа цел имаше и една друга цел, порака за институциите во Македонија, дека постојано не следат и очекуваат од нас да покажеме прогрес за во јуни да имаме еден позитивен исход со датум за преговорите со ЕУ. Секако неговата посета ќе биде дел од извештајот.

Господине Бесими, еврокомесарот ги критикуваше партиите. Дали според вас партиите имаат капацитет да договорат нешто што ќе нè придвижи во претстојниот период?

Мислам дека Македонија може да покаже капацитет и потенцијал да ги надмине предизвиците и во тој поглед сметам дека политичките партии може да покажат капацитет за државните интереси да ги стават пред партиските интереси, затоа што тоа се всушност интереси на граѓаните на Македонија. Членството на Македонија во ЕУ и евроатланскиот процес се стратешки приоритет. Очекувам да се имплементира политичкиот дијалог, односно анкетната комисија да почне да функционира, договорот или дијалогот со медиумите и новинарите да се стави во подинамична фаза, меѓуетничките односи да се унапредат уште повеќе, да се инвестира во тој план, потоа делот што се однесува на добрососедските односи како и решавањето на отвореното прашање за името со Република Грција, да најде некој успешен завршеток во интерес на сите страни, со цел Македонија во овој период до јуни да може да покаже успех во процесот на интеграција во ЕУ и да може да добие датум за почеток на преговори. Значи сите овие работи треба да се случат во пакет со цел во јуни Македонија слободно да очекува датум за преговори. Во овој момент уште еднаш ќе потенцирам дека нема да дадам прогноза дали во јуни земјите членки ќе дадат препорака за датум, туку ние треба да работиме до јуни во сите овие сфери за да може да бидеме сигурни дека во јуни Република Македонија ќе стане дел од европската заедница.

Господине Бесими, велите дека европската агенда останува приоритет. Како го објаснувате тоа што една од главните забелешки на Комесарот се однесува на прекинувањето на дијалогот со медиумите и што планирате да направите во наредниот период со оглед на најновите недоразбирања околу законот за медиуми?

Во однос на законот за медиуми веќе е објавен од страна на Министерството за информатичко општество и јавна администрација за јавна расправа. Со оглед на разговорите што ги имаме и од надлежното министерство, како и од разговорите и приоритетите дефинирани во високиот пристапен дијалог и неформалните средби со здружението на новинари, мислам дека и тоа што беше јавно истакнато од нивна стана, една од главните забелешки беше краткиот рок за можност за дискусија, тоа што се заклучи и во рамките на високиот пристапен дијалог се однесува на можност, тоа што ќе обезбедиме да биде транспарентен процес, инклузивен и да има доволно време за коментари од страна на сите релевантни институции што се засегната од овој закон, да можат да го дадат својот придонес и Македонија да може да добие квалитетен закон за медиумите, што е и една од целите на владата во високиот пристапен дијалог со ЕУ.

А во однос на дијалогот со медиумите?

Во однос на дијалогот со медиумите сметаме дека овде во рамките на законот, тоа е важно што ќе има јавна расправа, ќе може сите да го дадат својот конкретен придонес и во однос на дијалогот ние ќе продолжиме да ги правиме нашите напори, тој дијалог да се воспостави повторно. Ние сме за дијалог, ние ќе направиме сè за тој дијалог повторно се стави во една поинтензивна динамика, затоа што соработката на институциите е клучот на успехот.

Што очекувате да пишува во извештајот во делот посветен на добрососедските односи, односно во делот на решавањето на прашањето за името со Грција?

Во однос на делот за добрососедските односи, од страна на министерството за надворешни работи беа доставени сите иницијативи што Република Македонија ги има направено во овој дел со нашите соседи, со цел да можат да се вреднуваат сите иницијативи и тоа на сите нивоа. Во однос на прашањето за името очекуваме да има интензивирање на дијалогот во тој дел, со цел да може до јуни да се заокружи и да се покаже конкретен напредок во тој дел, затоа што тие се работи кои се ставени како заклучоци на декемврискиот извештај. Сметаме дека во овој дел Македонија треба да покаже напредок и очекуваме и тоа да биде евалуирано или оценето од страна на земјите членки на ЕУ. Македонија во овој период треба да се фокусира и на тој дел затоа што тоа е една од главните теми, покрај овие политички внатрешни теми и реформските што беа споменати, добрососедските односи и прашањето за името остануваат клучни фактори во дефинирањето или во оценката за напредокот на Република Македонија за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

Какви се вашите очекувања од новата средба кај медијаторот Нимиц, имате ли очекувања?

Мислам дека секоја средба и секој предлог е за поздравување, затоа што таму се разменуваат мислења и идеи како да се дојде до решение. Секој предлог е поблиску до решението. Секој нов предлог, секоја нова средба е чекор поблиску до решението и затоа јас го поздравувам тоа што се случи овие денови во Њујорк и би апелирал дека такви средби и тој процес треба да се динамизира со цел ние да можеме што поскоро да го заокружиме тој процес успешно. Јас повторно ќе кажам дека со оглед на тоа дека ова е долг процес, не би било соодветно да прогнозирам, затоа што е процес кој не зависи само од една страна, но тоа што можам со сигурност да го кажам е дека е исклучително важно процесот да се динамизира, исклучително е важно да сме активни и исклучително е важно не само за Македонија, туку и за ЕУ и за Грција и за регионот да има напредок за Македонија и за останатите земји во регионот за започнување на преговорите со ЕУ да станеме членка на Унијата.

Господине Бесими, на вашата партија приоритет и е влез во ЕУ и во НАТО и со таква обврска и декларација излезе и пред своето членство. Дали лично чувствувате разочараност што Македонија не дочека да ја оствари стратешката цел во време кога бевте министер за одбрана? Вие тогаш бевте оптимист и се надевавте на брз влез на Македонија во НАТО.

Во однос на нашата политичка определба како политичка партија, евроатлантската интеграција секако е во основата на нашата политичка платформа, но тоа не е само политички интерес на ДУИ. Тоа е пред сè интерес на Република Македонија и на нејзините граѓани, ние само го имаме во основата на нашата политичка партија како главен приоритет затоа што гледаме дека преку тоа ќе создадеме една подобра иднина за граѓаните на Република Македонија. Гледано од таа перспектива и ангажманот во овие два ресора, претходно во одбрана каде што непосредно се работи за одбранбениот систем и реформите што се внесуваат за членство во НАТО, и сега во овој ресор за европски интеграции, преговорите во однос на членството и процесот за интеграција кон ЕУ се токму се составен дел од таа платформа. Меѓутоа во однос на оценките во однос на НАТО и претходно за Радио Слободна Европа имам кажано дека сум реален оптимист, што значи дека оптимизмот е за нашата активност, не треба да се откажеме, ние треба да го држиме оптимизмот во амбициите за остварување на нашите цели, меѓутоа сме реални и реалисти во однос на тоа како може тоа да се направи. Ние со нашиот ангажман не изгубивме ништо, само уште повеќе покажавме интерес дека сме посветени на таа тема и секако не зависеше одлуката на самитот од тоа дали Македонија во делот од одбраната ќе покаже напредок, туку отворено е дека спорот за името е прашањето кое сè уште не е заокружено, меѓутоа има уште нешто друго, Самитот на НАТО во Чикаго не беше самит за проширување. Ние сметавме доколку има прогрес и вреди да се проба да се заложи за тоа, дека може тоа да биде еден новитет, до последниот момент, додека се одржува самитот, пред сè самитот немаше таков карактер. Во однос на ЕУ во конкретниот случај јас нема да прогнозирам затоа што тоа нема да смени ништо во процесот. Повторно ќе кажам, потребен е реален пристап, објективен, но со оптимистички амбиции. Ние треба да работиме, да сме посветени, без да прејудицираме каков ќе биде извештајот или која ќе биде оценката за извештајот од Самитот во јуни на земјите членки, но до тогаш ние ќе работиме за да тој биде позитивен. Тој оптимизам се однесува на нашата посветеност, на нашата работа секојдневно во овој процес, а прогнозите ќе ги оставиме после одржувањето на самитот односно на советот на ЕУ во јуни.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG