Достапни линкови

Рецесија и за ватерполо репрезентацијата


Mакедонската ватерполо репрезентација. Кфалификација за Олимписки Игри во Лондон 2012.
Mакедонската ватерполо репрезентација. Кфалификација за Олимписки Игри во Лондон 2012.

Националниот ватерполо тим 12 месеци немал собир, ниту, пак, одиграл некој натпревар. Паузата се должи пред се на финансиските проблеми, вели селекторот на тимот.

Откако не успеа да обезбеди пласман на ланските Олимписки Игри, македонската ватерполо репрезентација како да исчезна од спортската сцена. Иако се најави богата програма за годинава, националниот тим 12 месеци немал собир, ниту пак одиграл некој натпревар, а по откажаното учество во Светската лига, се погласно се говори дека нема да настапиме и на Медитеранските игри (20-30 јуни во Мерсин, Турција), како и на Универзијадата (06-17 јули, во Казан, Русија), на која треба да ја браниме бронзата освоена пред две години во Кина.
Финансиската криза не зафати и нас. Подолг период веќе немаме активности. Во моментов, немаме силни натпревари. Имавме проблеми со олимпискиот базен, од пред неколку дена почна да работи и големото корито. Тоа е еден од најголемите проблеми кои ги имавме во зимскиот период, работевме само во малиот базен.
Сашо Поповски, селектор.

Оваа неактивност се заканува да направи подолгорочна штета, а пред се прекин на серијата учества на европските првенства. За пласман на четвртото едноподруго Еуро (во Унгарија идната година) ќе треба да го минеме септемврискиот бараж двомеч, во чие очекување, најмногу поради финансиските проблеми, ниту селекторот Сашо Поповски не знае дали со својата екипа ќе се појави на претходно планираните натпреварувања.

Сашо Поповски, селектор на македонската ватерполо репрезентација.
Сашо Поповски, селектор на македонската ватерполо репрезентација.
„Финансиската криза не зафати и нас. Подолг период веќе немаме активности. Во моментов, немаме силни натпревари. Имавме проблеми со олимпискиот базен, од пред неколку дена почна да работи и големото корито. Тоа е еден од најголемите проблеми кои ги имавме во зимскиот период, работевме само во малиот базен. Во моментов се уште се сите варијанти отворени дали ќе најдеме средства да учествуваме на Универзијада и на Медитерански игри, две натпреварувања кои што би биле од голема важност за квалификациите за ЕП“, рече Поповски.
Со помош од сите структури државата, Агенцијата за млади и спорт и други стопанственици се надевам дека ќе најдеме сили, а пред се финансии за да продолжи тој тренд на македонската ватерполо репрезентација.
Сашо Поповски, селектор.

Тој, сепак, се надева дека работите набргу ќе фатат посакувана насока, за што адут му се најавената финансиска помош и решавање на повеќегодишниот проблем со концесионерот на Олимпискиот базен во Скопје. Тоа ќе значи многу подобри услови за работа на репрезентативците, од кои поголемиот дел настапуваат во силни клубови и чиј настап во националниот тим, не е доведен во прашање.

„Репрезентацијата се уште постои. Нашите најдобри играчи играат моментално во најдобрите европски клубови, во Партизан, во Марсеј, во Звезда, во Унгарија... Постојните репрезентативци и клубот Работнички веќе тренираат во големиот (олимписки) базен. Се надевам дека репрезентацијата летово повторно ќе има некој собир. Со помош од сите структури државата, Агенцијата за млади и спорт и други стопанственици се надевам дека ќе најдеме сили, а пред се финансии за да продолжи тој тренд на македонската ватерполо репрезентација“, додаде најзаслужниот за нашиот метеорски скок на меѓународната сцена.

Имено, токму на иницијатива на Поповски, македонската ватерполо репрезентација се реактивира во 2007-ма година, а проектот, помогнат со натурализирани ватерполисти од Србија, Хрватска и од Црна Гора, резултираше со по три настапи на Европски првенства (во 2008-ма, 2010-та и во 2012-та година) и во Светската лига, потоа со учество на еден Мундијал (2009-та година) и квалификации за Олимписките игри, како и со освоен бронзен медал на Универзијадата во Кина.
XS
SM
MD
LG