Достапни линкови

„Лица без маски“ во потрага по истражувачкиот и концептуален театар


„Филм“, независниот авторски проект на кореографката Саша Ефтимова.
„Филм“, независниот авторски проект на кореографката Саша Ефтимова.

Под мотото „Ослободи се...“, од 12 до 16 април, на сцената „Потковица“ во Универзална сала во Скопје, ќе се одржи шестото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ на кој учество ќе земат алтернативни театарски трупи од Бугарија, Србија, Романија, Италија, Полска и од Македонија кои треба да понудат програма „за умствена, естетска и животна релаксација“.

„Филм“, независниот авторски проект на кореографката Саша Ефтимова, „Деволуција“ на режисерот Петар Пашов јуниор и Театар „Атеље 313“ од Софија, „Рувензори“ на старите познаници Академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, „Каменот на трпеливоста“ на режисерката Агнешка Влок и полскиот театар „Западнија“ од Ополе, се дел од шесте претстави одбрани од 70-те апликации што ќе бидат прикажани во петте дена од годинашното издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Ќе видиме претстави во кои доминира истражувачкиот и концептуален театар, во кој доминира современата човечка свест, а исто така ќе имаме можност да патуваме преку театарските во нови простори на свеста и нашето постоење.
Игор Ивковиќ, селектор на програмата на Фестивалот.

На фестивалот ќе се прикажат и провокативната „Убиј ги децата“ на Фабио Омодеи и Театарската академија „Софија Омендолеа“ од Рим и танцовиот перформанс „Ова е моето тело. Повели во моите мисли“ на Романката Александра Фелсеги и трупата „Создава, Глуми, Ужива“ од Клуж – Напока.

Мене искрено овој фестивал ме „ослободи“ , односно ми даде можност да се инспирирам и да направам еден посебен вид на награда. Ова е плакета изработена од плексиглас, алуминиум и сребро во комбинација со филигран, спој на историја, уметност и индустрија со широк опус на комбинации со што му се дава еден нов лик и идентитет на овој Фестивал, така што секоја награда што ќе се доделува ќе биде посебна сама за себе, значи секоја ќе биде оригинална и уникатна.
Марија Милошевска, автор на плакетата.
„Тоа се претстави во кои како ретко кога нашата публика ќе може да види што значи материјален театар, односно т.н. рециклиран театар, како производ на отпадоците кои ги оставаме ние луѓето зад себе. Ќе видиме претстави во кои доминира истражувачкиот и концептуален театар, во кој доминира современата човечка свест, а исто така ќе имаме можност да патуваме преку театарските во нови простори на свеста и нашето постоење“, вели селекторот на програмата на Фестивалот Игор Ивковиќ.

Манифестацијата, што како организатори ја потпишуваат скопскиот „СПЛУНГ АВТОРИ - Театар 007“ и Универзална сала, овојпат ќе се одвива под мотото „Ослободи се...“. Миодраг Костиќ, директорот на „Лица без маски“, забележува дека годинава се потрудиле да му дадат посебен печат на визуелниот идентитет на фестивалот, што во целост ќе кореспондира со неговото мото, кое тие го замислиле како метафора за потребата од ментално релаксирање од сите стеги што го притискаат современиот човек. Притоа тој дополнува дека од голема помош притоа им биле Филип Тасевски – Фиц и Борјан Сандревски кои како „Пластикарт“ го создале дизајнот на манифестацијата.

„Станува збор за ослободување од сите стеги што нас граѓаните не опкружуваат. Стеги, не само во политичка смисла, стеги од медиумската пресија, стеги од секојдневните проблеми, од сообраќајниот метеж... Сето она што не оддалечи едни од други како луѓе. Токму затоа се наметна и слоганот „Ослободи се...“, а целиот визуелен идентитет е замислен како човек што се бори со платното со цел да се ослободи од сето она што го притиска“, вели Костиќ.

Како и во изминатите пет години и овојпат на Фестивалот ќе бидат доделени три награди: ГРАН ПРИ за најдобра претстава во целина, награда за најдобра режија и признание за актерска игра, а за нив во случајов ќе одлучува жири во кое се Васил Зафирчев (актер и уметнички директор на Велешкиот театар), Сотир Трајков (новинар и театарски критичар) и Дарко Вељиќ (пантомимичар). Инаку, автор на уникатните плакети што ќе бидат доделувани како награди е мултимедијалната артистка Марија Милошевска.

„Мене искрено овој фестивал ме „ослободи“ , односно ми даде можност да се инспирирам и да направам еден посебен вид на награда. Ова е плакета изработена од плексиглас, алуминиум и сребро во комбинација со филигран, спој на историја, уметност и индустрија со широк опус на комбинации со што му се дава еден нов лик и идентитет на овој Фестивал, така што секоја награда што ќе се доделува ќе биде посебна сама за себе, значи секоја ќе биде оригинална и уникатна“, вели Милошевска.

Покрај вечерните претстави, гостувачките театри катадневно ќе одржуваат и работилници, а свеченото отворање на манифестацијата ќе биде следено и со концерт на македонскиот состав „Калевала“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG