Достапни линкови

Победа на власта и на локално ниво


Во вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ победи во 16 општини, ДУИ во 7, СДСМ во 3, а ДПА во две општини.

Резултатите од последните непреброени гласачки места ДИК ги соопшти. Неизвесноста во општината Центар каде беше непреброено едно гласачко место заврши претпладнето кога ДИК објави дека со 980 гласа разлика победи кандидатот на опозицијата. Андреј Жерновски освои 50,29 проценти, а Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ 46,86 отсто од гласовите. ВМРО-ДПМНЕ, пак ја зацврсти својата победа и во вториот круг, освојувајќи победа во Скопје и во 16 општини.
Овие кои сега ја добија довербата, 56-те нови, да ги засукаат ракавите уште од утре сабајле, на работа и да го одржат дадениот збор.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Најинтересно беше во Скопје. Во главниот град досегашниот градоначалник Коце Трајановски го доби третиот мандат со речиси двојно повеќе гласови. Според податоците на ДИК, Трајановски доби 59,35 отсто од гласовите пред Јани Макрадули со 36,43.
Андреј Жерновски е новиот градоначалник на Центар.
Андреј Жерновски е новиот градоначалник на Центар.

Синоќа Премиерот Никола Груевски вториот изборен круг го оцени како успешен и како победа на сите граѓани и на Република Македонија. Тој на новите градоначалници им порача уште од утре да почнат со работа.
Се применија сите досега познати, а богами и непознати тактики и стратегии за фалсификување на волјата на граѓаните. За нас овие локални избори не беа фер, не беа демократски и за нас не беа легитимни.
Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ.

„Овие кои сега ја добија довербата, 56-те нови, да ги засукаат ракавите уште од утре сабајле, на работа и да го одржат дадениот збор“, рече Груевски.

Во Скопје се гласаше за градоначалник и на Карпош, Бутел, Чаир, Ѓорче Петров и Арачиново. Во Чаир, каде што се водеше битка меѓу кандидатите на ДУИ и на ДПА, победи Изет Меџити од ДУИ. Првиот човек на општина Карпош Стевче Јакимовски, кој на овие избори настапи како кандидат на Српската напредна партија, го победи својот довчерашен сопартиец Андреј Петров од СДСМ.

По првиот круг кога доби градоначалник единствено во Ранковце, СДСМ успеа да го задржи и Куманово, а нивниот кандидат Заев освои трет градоначалнички мандат и во Струмица каде првиот круг се прегласуваше на три избирачки места.

Вчера Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека изборите не беа ниту демократски ниту фер.

„Се применија сите досега познати, а богами и непознати тактики и стратегии за фалсификување на волјата на граѓаните. За нас овие локални избори не беа фер, не беа демократски и за нас не беа легитимни“, рече Црвенковски.

ДИК, пак, денеска ја потврди победата на ВМРО-ДПМНЕ и во вториот круг. Нивните кандидати освоија победа во Дебарца, Делчево, Берово, Богданци, Чешиново-Облешево, Старо Нагоричане, Јегуновце, Ресен, Лозово, Карбинци и Велес. Кандидатите на владејачката партија победија и во Битола и во Кочани.

ДУИ победија речиси секаде каде имаа кандидати – во Тетово Теута Арифи од ДУИ освои 55,54 проценти од гласовите пред Сади Беџети од ДПА со 41,93 проценти. Во Струга, каде до последен момент се водеше трка меѓу кандидатот на ДПА поддржан од ДУИ и заедничкиот кандидат на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ победи Зиадин Села од ДПА.

Гласањето го одбележа помала излезност од првиот круг, неколку нерегуларности, а во Центар и во Ресен повторно се појавија фантомски гласачи од Пустец. Дел од неправилностите за кои известуваат Цивил, Мост и Хелсиншкиот комитет се и корупција, инциденти, притисоци, семејно гласање и искористување на неписмени лица.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG