Достапни линкови

Дневен печат - Избори и државен долг


Главни теми во македонските дневни весници се задолженоста на државата и локалните избори.

Од денеска, економските политики на Македонија под лупа на ММФ - го најавува Дневник престојот на делегацијата на Фондот во земјава, а Утрински со помош на академик Абдулменаф Беџети го анализира процентот на задолженост на државава што, според Министерството за финансии во февруари достигна 33,3 проценти од бруто домашниот производ. „Главно прашање е зошто е направен долгот“ - ја поставува дилемата професорот Беџети и дали официјално објавениот долг е реален - алудирајќи дека можеби постои и скриен долг кој всушност не можеме да го видиме.
Главно прашање е зошто е направен долгот и дали официјално објавениот долг е реален.
Професор Абдулменаф Беџети за Дневник.

Во исто време, Вечер како владин успех го смета новото задолжување на Владата со 100 милиони евра странски кредит - бил евтин и бил за поддршка на стопанството.

Управен суд ја одби тужбата по одлуката на ДИК во Струмица да се прегласува на три изборни места.
Утрински весник.
Пред вториот круг од локалните в недела, Дневник ја објавува оценката на граѓанската асоцијација Мост дека ДИК „не беше доследна и конзистентна во донесувањето на одлуките како највисок изборен орган кој треба да се грижи за законитоста во спроведувањето на изборите“. Утрински информира дека Управен суд ја одбил тужбата по одлуката на ДИК во Струмица да се прегласува на три изборни места и ја објавува реакцијата на СДСМ дека тоа е „срамна одлука“. Откако Управен ги одби најголем број тужби на партиите за првиот круг, Вечер насловува: „За кичевчани нема втора шанса“.

Пред вториот круг за општина Центар, каде што според многумина ќе се води најострата битка, онаа меѓу Тодоровиќ и Жерновски, сите медиуми го објавија најновото сознание на ВМРО-ДПМНЕ дека Жерновски имал непријавен имот. Антикорупциска молскавично реагираше, па Дневник пишува дека Комисијата бара гонење на Жерновски поради тоа. Вечер оди со наслов: „Антикорупциска потврди: Жерновски лаже“.

Истиот весник веќе го распадна и СДСМ: „Почна распадот - пет пратеници ја напуштаат партијата“, иако во текстот не се наведува кои се тие пратеници и кога ја напуштиле партијата.

Додека јавноста ги чека официјалните одговори на надлежните за трагичната смрт на Никола Младенов, Нова Македонија спроведува сопствена истражувачка мисија и прави реконструкција на трагичното возење на релацијата Скопје - Велес и обратно на новинарот и сопственик на Фокус.

Колумнист, пак, во Утрински објавува отворено писмо до премиерот Груевски забележувајќи му за молкот и за доцнењето на истрагата на надлежните државни органи во врска со несреќата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG