Достапни линкови

logo-print

Ракометарите воздржани пред мечот со Шпанија


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Светскиот шампион Шпанија е фаворит на денешниот натпревар со македонските ракометари. Велат, сè освен пораз ќе биде успех.

Со нов селектор и неколку повратници во составот, македонската машка ракометна репрезентација денеска ги продолжува квалификациите за ЕП во Данска. На програмата е третото коло, во чии рамки, од 17.45 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе се сретнеме со светскиот првак Шпанија. Титулата, но и големиот број ракометни ѕвезди во тимот, ја прават „црвената фурија“ голем фаворит во овој дуел. Тоа го признава и дебитантот на нашата селекторска функција Ивица Обрван, кој сепак, потајно се надева на позитивен резултат.
Шпанците како светски прваци се фаворити, но ќе ја бараме нашата шанса, ќе се бориме за позитивен резултат, што ќе биде се освен пораз. За тоа ќе ни треба многу среќа, храброст, мудрост и тактичка дисциплина, со многу малку технички грешки. Верувам дека можеме да ги исполниме овие услови.

„Шпанците како светски прваци се фаворити, но ќе ја бараме нашата шанса, ќе се бориме за позитивен резултат, што ќе биде се освен пораз. За тоа ќе ни треба многу среќа, храброст, мудрост и тактичка дисциплина, со многу малку технички грешки. Верувам дека можеме да ги исполниме овие услови, исто како што сум убеден дека оваа екипа, играчите заедно со мене и со раководството на федерацијата, имаме квалитет за да избориме пласман на Европското првенство во Данска“, рече Обрван.
Ивица Обрван, селектор на македонската ракометна репрезентација.

Ивица Обрван, селектор на македонската ракометна репрезентација.


Респект за противникот, но и верба во сопствените можности имаат и ракометарите. Според нив, покрај поддршката од максимално исполнетите трибини, во прилог ни оди и тоа што Шпанците се тие коишто мора да победат, за да го оправдаат високиот рејтинг.
Нема што да загубиме, значи ќе бидеме растоварени и зошто да не ги изненадиме на домашен терен. Мислам дека имаме квалитет, играчите се во полна натпреварувачка форма[...] Треба дисциплинирано да играме повеќе во одбраната. Ако го намалиме нивниот напад на помалку од 25 гола, мислам дека би можеле да се надеваме на победа.

„Нема што да загубиме, значи ќе бидеме растоварени и зошто да не ги изненадиме на домашен терен. Мислам дека имаме квалитет, играчите се во полна натпреварувачка форма, прикажувајќи го тоа преку настапите на Металург во Лигата на шампионите. Треба дисциплинирано да играме повеќе во одбраната. Ако го намалиме нивниот напад на помалку од 25 гола, мислам дека би можеле да се надеваме на победа“, вели десното крило Гоце Георгиевски.

Така размислуваат и љубителите на спортот, кои се свесни за силата на „црвената фурија“, но тоа, сепак, не е пречка очекувањата да се оптимистички.

„Тешко ќе биде, меѓутоа со подршка на навивачите очекуваме победа!“

„Шпанците се најјака екипа. Меѓутоа, со овие играчи што ги имаме сега, верувам дека ќе успееме.“

„Бидејќи на наш терен играме, имаме шанса да ги изненадиме. Мислам дека со еден разлика би ги победиле.“

„Знам дека нашите момци добро тренираат, ќе одиме ќе ги бодриме колку што можеме, така да очекуваме дека ќе се покажат во најдобро светло“, изјавија анкетираните граѓани.

Инаку, во нашата квалификациска група прва е Шпанија со максимални 4 бодови. Македонија и Португалија имаат по два, а Швајцарија е последна без ниту еден бод. Вклучувајќи ги и денешните натпревари, до крајот на квалификациите сите селекции ќе одиграат по уште 4 средби, а на Еуро ќе се пласираат репрезентациите што ќе ги освојат првите две места на табелата.
XS
SM
MD
LG