Достапни линкови

СДСМ со 100 тужби до Управниот суд


Гласањето на локалните избори.
Гласањето на локалните избори.

СДСМ поднесе 100 тужби до Управниот суд, бидејќи ДИК не ги донела одлуките за преставките за нерегуларностите на локалните избори врз основа на закон и аргументи. ВМРО-ДПМНЕ реагира дека опозицијата виновникот за поразот го бара во ДИК.

Коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, поднела до Управниот суд на Република Македонија повеќе од 100 тужби, зашто смета дека Државната изборна комисија одлуките ги донела со надглсување, а не врз основа на закон и аргументи.

Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК го претвори овој државен изборен орган во политичка инквизиција.
Ана Павловска Данева, потпретседателка на СДСМ.
„Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК го претвори овој државен изборен орган во политичка инквизиција. Најдобар доказ за ова е фактот што мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК ги одби нашите приговори не водејќи сметка за ниту еден факт и без притоа да се направи увид во избирачкиот материјал на оспорените избирачки места. Барањата за увид и пребројување на гласачките ливчиња беа одбиени со надгласување 4 спрема 3. Сосема спротивно, за приговорите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Струмица беше применет поинаков аршин“, рече потпретседателката на СДСМ Ана Павловска-Данева на денешната прес-конференција.

Според неа, членовите на ДИК кои одбиле повеќе од 300 приговори на опозицијата, за Струмица прифатиле приговори без никаков правен основ со кои, како што рече, сакаат да му ја украдат убедливата победа на градоначалникот Зоран Заев.
Сега на СДСМ и ДИК им е виновна за катастрофалниот пораз.
ВМРО-ДПМНЕ.

„Не може со три неиздржани приговори и без увид во гласачките ливчиња, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ да се обидува да ја менува волјата на струмичани. Очекуваме Управниот суд да покаже висока професионалност и независност во одлучувањето по тужбите, да пресудат ослободени од политички притисок, водејќи се единствено според уставот и законите. Управниот суд, како последна инстанца, ја има целата одговорност со законски одлуки да ја исправи политичката неправда на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК“, рече Павловска-Данева.

​Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека СДСМ со тужбите покажува дека виновникот за поразот на изборите сега го бара и во ДИК, а не во себе.​

„Сега на СДСМ и ДИК им е виновна за катастрофалниот пораз. Се додека вината и причините за поразот не почнат да ја гледаат во себе, ќе останат заглавени во темнината, која Бранко Црвенковски им ја креира и во која самите се веќе предолго заробеници. Сите се криви само Бранко Црвенковски и раководството на СДСМ не се криви за нивниот пораз. Очигледно СДСМ е во очај“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG