Достапни линкови

Оскар Салас - Трагач по дијалог меѓу музичките култури


Оскар Салас.

Оскар Салас.

„Unfinished Busieness“ е насловен албумот на Оскар Салас и „КуБалкан ансамбл“ на кој кубанскиот мајстор на перкусии соработува со славниот саксофонист и флејтист Боби Мартинез и со повеќе домашни музичари како Дамир Имери, Александар Икономов, Трајче Велков и Тони Китановски, кој е и продуцент на материјалот. Станува збор за вкрстување на афро-кубанската, со американската и со македонската музичка традиција, а издавач на објавата е „Скопје џез фестивал“.

Оскар Салас е музичар. Виртуоз на ударни инструменти. Уметник кој ја претпочита слободата во творештвото. Роден во Хавана, преку Мајами и Њујорк, последниве нецели две години живее и работи во Скопје. Во Македонија пристигна со портфолио во кое се соработките со култните Џеко Пасториус, Мајкл Брекер, Дејвид Брн и други, а овде веќе се стекна со статус на „локална ѕверка“ и сеприсутен лик на случувањата каде Македонија безусловно станува дел од глобалното урбано пулсирање.
Најважното нешто за мене во однос на овој албум е тоа што се отвора дијалог помеѓу моите афрокубански, американски корени со балканската и посебно со македонската музичка традиција.

Тој живее единствено од и за музиката. Затоа нималку нема да биде чудно ако длабоко во ноќта го видите како свири со трио, следниот ден како дел од бандата „Черкези“, потем со некоја „седма“ постава и така во круг. Кај него „работите никогаш не завршуваат“. Од таму и насловот на неговото македонско дискографско првенече „Unfinished Busieness“ што деновиве го објави „Скопје џез фестивал“.

„Најважното нешто за мене во однос на овој албум е тоа што се отвора дијалог помеѓу моите афрокубански, американски корени со балканската и посебно со македонската музичка традиција“, вели Салас.
Кога станува збор за музиката не мислам дека постои разлика дали се свири со некое звучно име или со некој непознат на уличен агол. Се додека постои страста за музиката, тоа мене ми е важно. Се обидувам да останам реален. Започнав да свирам на улиците со моите пријатели. Свиревме на покриви на автомобили, со мали тапани во паркот... Секогаш сакам да го задржам таквиот слободарски дух во музиката која ја создавам, без разлика дали е со голема ѕвезда или со локални музичари од градовите каде патувам.

Во реализацијата на таквиот пожелуван дијалог покрај Салас, рамо до рамо се застанати славниот Боби Мартинез, кој допатува од Шпанија и овде свири на саксофон и флејта, Дамир Имери на клавијатури, Александар Икономов на бас, Трајче Велков на труба и гитаристот Тони Китановски, кој заедно со снимателот Ален Хаџи Стефанов се погрижи за продукцијата на албумот на „КуБалкан ансамбл“.

На студиските сесии учествуваа и контрабасистот Оливер Јосифовски, тромбонистот Сашо Николовски и Џијан Емин на француска хорна, а забележани се композиции на Оскар Валдез, Пабло Абланедо и на потписниците на проектот (Мартинез, Китановски, Имери..., кои и досега во разни верзии и се познати на публиката.

„Кога станува збор за музиката не мислам дека постои разлика дали се свири со некое звучно име или со некој непознат на уличен агол. Се додека постои страста за музиката, тоа мене ми е важно. Се обидувам да останам реален. Започнав да свирам на улиците со моите пријатели. Свиревме на покриви на автомобили, со мали тапани во паркот... Секогаш сакам да го задржам таквиот слободарски дух во музиката која ја создавам, без разлика дали е со голема ѕвезда или со локални музичари од градовите каде патувам“, вели Салас.

Инаку, албумот е и прво издание кај нас на кое своите таленти ги вкрстуваат македонските со музичарите кои им припаѓаат на други култури, во случајов со афро-кубанската музичка традиција, а говорејќи за Салас и за неговиот потенцијал како изведувач Китановски со забелешка дека станува збор за исклучителна фигура и голем мајстор на занаетот.

„Оскар е посебна врста на музичар. Покрај неговата сестраност, тој е специјалист за кубанска музика и за фанк, извонредно свири и џез и други стилови и над сите очекувања преубаво се вклопи во звукот на „Черкези оркестар“. Сепак негов најбитен квалитет е начинот на свирење конгите што е многу ретко во светот на овие перкусии затоа што сите други некако продуцираат генерички звук“, вели Китановски.

Салас е и еден од оние позитивни урбани ликови во градов кои со својата отвореност освојуваат на „прва топка“. Тој често знае да каже дека во Македонија го нашол делот од себе што во времето наназад му недостигал.

„Тука се чувствувам како дома. Забележувам многу сличности со мојата родна земја Куба, во многу работи. Кога пристигнав првата работа на која се потсетив беше моето детство во Хавана“, вели Салас.

Свесен дека и овде не е лесно да се биде творец во услови на економска криза, тој и натаму е оптимист во однос на оние што се предадени на професијата и љубовта кон музиката.

„Мислам дека музиката секогаш ќе преживее каква било општествена, социјална или економска ситуација каде било, бидејќи луѓето имаат потреба да се изразат преку музиката и да чувствуваат преку музиката. Дури и во најтешките услови се пишува музика, бидејќи на сите ни е потребен тој свеж звук, мелодија и ритам за да се потсетиме на убавите нешта во животот.“

Конечно, навраќајќи се на актуелниот проект „Unfinished Busieness“, Оскар дополнува дека станува збор за продукт со кој има намера посериозно да занимава во периодот што следува, не исклучува зачестени настапи по клубовите и на фестивалите во формација главно на квартет и вели дека куферите му се подготвени да замине каде било оти, според него, музичарите се талкачи.

„Музичарите се како цигани. Мора да се движите, не можете да останете на исто место. Мора да се патува, да се оди на различни места. Јас се чувствувам многу комотно овде, но не знам уште колку долго ќе останам. Едноставно, не знам каде ќе биде следниот предизвик и кој ќе ми биде следниот потег“, вели Салас.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG