Достапни линкови

Никола Младенов - Новинар наспроти режимите


Никола Младенов, новинар.
Никола Младенов, новинар.

За улогата на Младенов како предвесник на македонската демократија зборува и тоа дека „Млад борец“, под негово водство, во 1990 година ги објавува писмата на Драган Богдановски и платформата на Демократската партија за македонското национално единство, формирана во Стокхолм, Шведска, во време кога државно-контролираните медиуми не смеат да помислат на такво нешто.

Замина бардот на независното македонско новинарство. Речиси сите медиуми со идентични зборови го опишуваат сопственикот на неделниот и дневниот Фокус, додека со неверување ја примаа вчерашната вест дека загинал во тешка сообраќајна несреќа на влезот на Скопје.
Иако на Редакцијата на „Млад борец“ ѝ е познато дека Драган Богдановски е емигрант во Шведска со „дебело“ досие кај органите за Државна безбедност на СРМ, сепак на јавноста ѝ ја предочуваме политичката платформа на Демократската партија за македонско национално единство.[...] Сметаме дека демократската јавност во Социјалистичка Република Македонија треба да биде информирана за политичките струења кои се врзани за овие простори, без разлика дали со нив се согласува или не.

Младенов загина на 49 години, а зад себе остави тони новинарска хартија во кои ја испишуваше современата историја на македонското новинарство.

Никола Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Тој е новинар што се афирмира во периодот на распаѓањето на СФРЈ, како главен и одговорен уредник на „Млад Борец“, орган на ССММ, кој ги отвори своите страници за теми и личности што биле во неформалната „црна листа“ во македонското новинарство. Раскрстувањето со автоцензурата во медиумите и отвореното соочување се децениските гревови на комунистичката номенклатура му донесуваат на „Млад борец“ углед на предводник на демократските процеси во СРМ. Во 1995 година Младенов го основа „Фокус“, влијателен информативно-политички седмичник во Република Македонија, стои за Младенов во енциклопедијата на МАНУ.

За улогата на Младенов како предвесник на македонската демократија зборува и тоа дека „Млад борец“, под негово водство, во 1990 година ги објавува писмата на Драган Богдановски и платформата на Демократската партија за македонското национално единство, формирана во Стокхолм, Шведска, во време кога државно-контролираните медиуми не смеат да помислат на такво нешто. Оваа партија подоцна прераснува во ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако на Редакцијата на „Млад борец“ ѝ е познато дека Драган Богдановски е емигрант во Шведска со „дебело“ досие кај органите за Државна безбедност на СРМ, сепак на јавноста ѝ ја предочуваме политичката платформа на Демократската партија за македонско национално единство. Истовремено, ќе се обидеме во еден од наредните броеви на Млад борец да стапиме во контакт и да направиме разговор со претседателот на Координативниот совет на оваа партија, Драган Богдановски. Сметаме дека демократската јавност во Социјалистичка Република Македонија треба да биде информирана за политичките струења кои се врзани за овие простори, без разлика дали со нив се согласува или не. Ви го ставаме на увид и пропратното писмо со кое беа проследени овие материјали до нашата Редакција“, пишува Млад борец во изданието од 7 март 1990 година.
Веќе кон крајот на 1989 и почетокот на 1990 година на комунистите (СКМ) им стана јасно дека не ќе можат да опстанат сами на политичката сцена. Никола Младенов, уредникот на „Млад борец“, ја објави првин „Политичката платформа“, а сетне и „Политичката програма“ на Лигата за демократија. Веднаш потоа следеше поплава од пристапници.
Ѓорѓе Марјановиќ, универзитетски професор и основач на Лигата за демократија.

Професорот и основач на Лигата за демократија Ѓорѓе Марјановиќ се сеќава дека токму „Млад борец“ е првиот што ја објавил и политичката платформа на оваа партија.

„Веќе кон крајот на 1989 и почетокот на 1990 година на комунистите (СКМ) им стана јасно дека не ќе можат да опстанат сами на политичката сцена. Никола Младенов, уредникот на „Млад борец“, ја објави првин „Политичката платформа“, а сетне и „Политичката програма“ на Лигата за демократија. Веднаш потоа следеше поплава од пристапници“, ќе напише во една прилика Марјановиќ.

„Млад борец“ под водство на Младенов им дава поддршка и на „осумтемина“ од МВР. Случајот „осумтемина“ за многумина е означен како „македонска политичка пролет!“

Во 1989 година тогашниот републички секретар Јован Трпеновски донесе решенија за суспендирање на осуммина припадници на МВР, сите до еден носители на значајни работни и политички функции во рамките на органот. На удар на репресивната политика на последната комунистичка Влада во Република Македонија се најдоа: Павле Трајанов, Слободан Богоески, Александар Диневски, Гроздан Цветковски, Беџет Беџети, Јован Чамински, Станое Богев и Миле Илиевски.

„Вработените во МВР за прв пат јавно проговорија за тогаш актуелниот Вевчански случај, за монтираните политички процеси, за политичката репресија над македонските интелегенција, за поданичката улога на Македонија во однос на „Центарот“, за темните петна од македонската историја (случаите на Скопскиот партизански одред, убиствата на Кочо Рацин, Кузман Јосифовски – Питу, Панде Чесноска, Лена Стојчевска, стрелањето на 54 те велешани, ликвидацијата на скопското Кале…), за досиејата на политичките неистомисленици и пред сè за улогата на Колишевски во сите тие процеси. „Мечката од пештера“ (нашата тајна шифра за Лазо) конечно беше извлечена на чистина!“, ќе напише во една прилика еден од „осумтемина“, Александар Диневски.
Во тој меѓупериод од неколку месеци (од денот на суспензијата до победата) „осумтемина“ преживееја вистинска човечка и политичка драма, постојано следени, прислушкувани и на удар на своите довчерашни колеги од тајната полиција со сериозни закани за нашиот личен интегритет. Сепак тајната поддршка од многубројните приврзаници во МВР и јавната поддршка од македонската јавност и медиумите (Млад Борец, Нова Македонија, Борба, 21, Осмица…) овозможија блескава победа на правдата и тоа – човечка, политичка и правна!
Александар Диневски, еден од „осумтемина“.

Суспензијата е повлечена по скоро две години.

„Во тој меѓупериод од неколку месеци (од денот на суспензијата до победата) „осумтемина“ преживееја вистинска човечка и политичка драма, постојано следени, прислушкувани и на удар на своите довчерашни колеги од тајната полиција со сериозни закани за нашиот личен интегритет. Сепак тајната поддршка од многубројните приврзаници во МВР и јавната поддршка од македонската јавност и медиумите (Млад Борец, Нова Македонија, Борба, 21, Осмица…) овозможија блескава победа на правдата и тоа – човечка, политичка и правна!“, пишува Диневски.

Прво почна како новинар, па заменик на главниот уредник и кон крајот на 1980-тите станува главен уредник на Млад борец. „Млад борец“ беше предвесник на новинарската пролет во Македонија. Неговите колеги често знаеја да кажат дека тој е творецот на македонската пролет – сите промени во однос на плурализмот и сите творби во корист на демократските процеси во земјава биле покренати токму преку овој весник, дело на Младенов.

По „Млад борец“ тој го основа радиото „Либертас“, а набргу, во 1995 година почнува со издавањето на неделниот весник „Фокус“, како прв слободен и независен неделен весник во Македонија. Со логото „Неделник на внатрешниот, а, богами, и надворешниот непријател“, „Фокус“, под водство на Младенов станува еден од главните столбови на новото македонско општество. Младенов го градеше брендот на „Фокус“ цели 20 години, речиси една половина од неговиот животен век, создавајќи медиум во кој најважна беше речта на слободниот говор, слободата беше императивот на неговите написи. Преку „Млад борец“, а потоа и преку „Фокус“, тој воведе комплетно нови правила во новинарството – слободата, без разлика на сѐ!, напишаа неговите колеги од Фокус.

Велат, ако за некого колегите зборуваат во суперлативи, особено ако се работи за суетна фела како новинарската, тогаш тој навистина бил голем. А, колегите, навистина има што да кажат за Младенов и за неговата улога во развојот на македонското новинарство.
Никола Младенов направи повеќе за демократизацијата на ова општество од било која политичка партија и било која власт. И уште повеќе: најчесто токму политиката, онаа дневната, прагаматичната му беше најголемиот кочничар во тежненијата да го оствари неговиот идеал.
ССНМ.

„Го познавам Никола уште пред повеќе од две децении кога во „Млад борец“ заедно со уште неколку одлични новинари и уредници ги урна табуата во македонската политика и новинарство. Во лет го грабна новото време исклучително интелигентниот и талентиран млад уредник и преку повеќе новинарски форми му обезбеди на „Млад борец“ историска улога. Тогаш го споредував „Млад борец“ со словенечката „Младина“. Никола Младенов беше еден од предвесниците на големите и тектонски политички промени во Македонија. Секогаш на страната на послабите, немоќните, секогаш против злоупотребите на власта и моќта, остави зад себе длабоки бразди во македонскиот журнализам од крајот на 20 век и првите декади на 21 век и на транзицијата. Како основач на неделникот и на дневниот весник „Фокус“, Никола Младенов водеше една од најтешките битки во новинарството, која е речиси невозможно да се добие во Македонија. А тоа беше да имаш свој весник, да бидеш секогаш критички настроен кон власта и кон центрите на моќ и пари и, притоа, да преживееш, а весниците да излегуваат редовно. Ова е многу потешко отколку да го наостриш перцето и да пишуваш чесно и професионално“, пишува за него новинарот Ерол Ризаов во Утрински весник.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници пишува дека смртта на Младeнов е „непремостлива загуба не само за македонското новинарство, туку за севкупното и онака нарушено општествено здравје“.

„Никола Младенов направи повеќе за демократизацијата на ова општество од било која политичка партија и било која власт. И уште повеќе: најчесто токму политиката, онаа дневната, прагаматичната му беше најголемиот кочничар во тежненијата да го оствари неговиот идеал“, пишува ССНМ.

За новинарот Александар Чомовски, Младенов е корифеј на македонската новинарска вистина.

„Фактот дека реализираше два клучни проекта, „Млад борец“ како предвесник на македонската демократска пролет и процеси, и неделникот „Фокус“, како политички магазин што ја промовира политиката на дежурен критичар на политичките елити и властите, го сместува во кругот на малкуте новинари кои ќе имаат историска вредност“, вели Чомовски.

Новинарот Сашо Орданоски оценува дека професионалниот придонес на Младенов е вграден во темелите на демократизацијата на Македонија.

„Никола ми беше соработник, секогаш исклучително интелигентен, со извонредно новинарско перо, своеглав и тврдоглав, со постојан квалитет да се критикува власта, без оглед кој е власт. Ова е голема загуба за македонското новинарство и доаѓа во време кога Македонија е под стегите на автократски режим, што ги прави за мене сомнителни и самите околности на неговото трагично загинување“, вели Орданоски.

Во неговата емотивна колумна, уредникот на Вест Горан Михајловски им порачува на двете малолетни ќерки на Младонов дека има со што да се гордеат.

„Чувајте ги неговите примероци на „Млад борец“, предвесникот на македонската демократија. Чувајте ги храбрите насловни на неделникот „Фокус“. Чувајте ги дневните изданија на „Фокус“, со кои знаеме дека имаше многу проблеми. Имате со што да се гордеете“, пишува Михајловски.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG