Достапни линкови

Театарот „Сенки и облаци“ на турнеја низ Македонија во април


Во четврток, во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се случи првата реприза на „Приказни од ходникот“ во која театарот „Сенки и облаци“ со 15 млади креативци, во текот на февруари и март, плодотворно се занимаваше со разоткривање на тајните и митовите за сексуалното и репродуктивното здравје. Од претставата ќе биде изработено видео кое фондацијата „Ем-ти-ви стејинг алајв“, посветена на борбата против ширењето на ХИВ помеѓу младите луѓе, ќе го дистрибуира преку својата мрежа за едукација, а проектот на почетокот од април го започнува своето патешествие по сцените во Македонија.

Целиот концепт беше наменет за обука на млади луѓе бидејќи ова е прв пат каде што ние како членови на „Сенки и облаци“ не учествуваме во играњето, туку во креирањето на претставата – вели актерот Круме Стефановски, во пресрет на првата реприза на „Приказни од ходникот“.
Направивме нешто што досега не сме го играле, односно цело време игравме фигури кои што ние ги движиме, а сега прв пат експериментиравме со тела позади платно, со некакви други проекти. Мислам дека претставата е прилично успешна, динамична. Реакциите беа прекрасни после премиерата.

„Направивме нешто што досега не сме го играле, односно цело време игравме фигури кои што ние ги движиме, а сега прв пат експериментиравме со тела позади платно, со некакви други проекти. Мислам дека претставата е прилично успешна, динамична. Реакциите беа прекрасни после премиерата.“

Тој дополнува дека најнапред биле избрани 15 млади луѓе на возраст од 16 до 23 години кои потем биле вклучени во целиот процес од создавање на приказната, преку изработка на фигурите со кои што се игра, играта со телата до осмислување на комплетниот концепт.
Следните места каде што ќе одиме ќе бидат Тетово, Куманово, Велес и Кавадарци. Тоа е во првиот дел, па понатаму доколку има интерес, доколку има соработка со некои други театри низ Македонија, планираме да ја продолжиме турнејата.

„Тоа беше конкурс на „Ем-ти-ви стеинг алајв“. Од 1700 апликации од целиот свет ние влеговме во тие 20 избрани кои што се финансирани од Музичката телевизија за овој проект. Пораката беше генерално да се развие свест за заштита од ХИВ/сида и сексуално преносливите болести, затоа што некогаш од еден незаштитен однос што може да ни се случи на сите во некоја вечер може да остане последица за цел живот.“

По премиерата и првата реприза, „Приказни од ходникот“ е планирано во април да бидат прикажана и во уште неколку градови од земјата.

„Следните места каде што ќе одиме ќе бидат Тетово, Куманово, Велес и Кавадарци. Тоа е во првиот дел, па понатаму доколку има интерес, доколку има соработка со некои други театри низ Македонија, планираме да ја продолжиме турнејата.“

Основан 2005 година од Круме Стефановски, театарот „Сенки и облаци“ работи како неформална група на истомисленици во која се и Сања Пановска Миланова, Сара Цветановска, Катерина Сековска, Волф Вилке, Виктор Поповски и Јордан Костов. Тие дебитираа со претставата-експеримент „Баш челик“ која се одигра на неколку сцени во Скопје и со која потсетија на фактот дека своите корени ги влечат од уметничката традиција „караѓоз“ што во Македонија ја донеле Турците пред многу векови.

По убавиот прием кај публиката, следуваа „Силјан штркот“, „Малиот принц“, „Стигма“ и „Приказна за црвениот крст“, проекти со различни теми и техники а во кои низ модерната изведба беше претставена визијата за општеството како место каде луѓето ќе го искусуваат животот преку уметностите и за едукација преку забава. Едноставно, мисијата на оваа трупа е да ги поттикне луѓето ширум светот, а особено младите, да користат креативни модели и алатки за пренесување на пораки, за подигнување на свеста и за стекнување со животни вештини и способности.

Инаку театарот „Сенки и облаци“, со проектот „Семе“, минатата година се претстави и на големиот фестивал „Унимаг 2012“ во Ченгду – Кина, а во тек се подготовките за развивање на новата приказна што треба да биде одиграна на фестивал во Шибеник, Хрватска.

„Имаме идеи за неколку нови приказни од кои се надевам дека до летото ќе склопиме барем една. Убеден сум дека тоа ќе биде интересна претстава и неа имаме намера да ја прикажеме на претстојниот фестивал во Шибеник, Хрватска. А, за понатамошни гостувања на големите фестивали на интернационалната сцена праќаме апликации па ќе видиме што од тоа ќе излезе на виделина.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG