Достапни линкови

Русија пред сè со економски интерес на Балканот


Претседателот Ѓорге Иванов на средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Охрид на 20 април 2011 година.

Претседателот Ѓорге Иванов на средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Охрид на 20 април 2011 година.

Русија не покажува интерес за засилена политичка соработка со државите на Балканот. Во овој дел од светот нив ги интересира само економската соработка, велат домашните аналитичари.

Нема индиции дека Русија има намера да го засилува своето политичко влијание, и во регионот, а особено во Македонија, велат нашите соговорници, Ристо Никовски и Стево Пендаровски. Прашањето за тоа дали Македонија се врти или треба да се сврти кон Исток се отвора после секоја криза во евро-интеграциите или, пак, кога има инвестиции или најави за засилена економска соработка со компании од Руската Федерација.
На Балканот од политички аспект нема индикации дека покажуваат некој поголем интерес.[...] Кај нас досега немаат покажано поголем политички интерес, меѓутоа во целина останува економскиот интерес доминантен.

Во официјална посета на Македонија денеска престојува делегација на Државната Дума на Руската Федерација. Тие се среќаваат со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и ќе присуствуваат на презентација на изданието „Руска реч“, кое објавува вести и анализи од Русија на македонски јазик.
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Москва на 18 јуни 2012 година.

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Москва на 18 јуни 2012 година.


Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека тоа е позитивно поместување, но оти не се гледа желба за засилување на политичкото влијание. Русија е голема земја и има економски интереси насекаде низ светот и тие се доминантни во регионот, вели Никовски.

„На Балканот од политички аспект нема индикации дека покажуваат некој поголем интерес, дури со една Србија со која од секогаш имале така да кажеме специјални односи, нема индикации дека нешто се случува подраматично, посериозно така да на некој начин Србија сама се соочува со Косово, сама се соочува со ЕУ без некоја посебна поддршка од Москва. Кај нас досега немаат покажано поголем политички интерес, меѓутоа во целина останува економскиот интерес доминантен.“
Нема никакви, ни на ниво на доктрина, ни на ниво на размислување кај клучните одлучувачки фигури и оние што им се блиски, колку што јас може да го знам тој естаблишмент, нема никакво размислување поблиску политички да се врзат со Балканот.

Професор Стево Пендаровски, кој е и член на Советот за безбедносни прашања и НАТО-интеграции на СДСМ, вели дека тезите за засилена политичка соработка со Русија, главно доаѓаат од политичари од тука, а не од клучни политички фигури од Русија. Концептот на руско присуство на меѓународна сцена е само енергетската пенетрација. Политичка соработка не ги интересира надвор од поранешните советски републики, вели Пендаровски.

„Нема никакви, ни на ниво на доктрина, ни на ниво на размислување кај клучните одлучувачки фигури и оние што им се блиски, колку што јас може да го знам тој естаблишмент, нема никакво размислување поблиску политички да се врзат со Балканот. Единствената нивна цел е што е можно повеќе да соработуваат во економскиот и во енергетскиот дел пред сè, и тука нема ништо спорно“, вели Пендаровски.

Никовски вели дека не треба да се заборава дека по распадот на Југославија, САД стана доминантен фактор на Балканот, особено на безбедносен план.

„И веројатно Русите и од таа гледна точка не сакаат да покажуваат поголем интерес за Балканот бидејќи тоа би значело конфронтација со САД и мислам дека тоа е еден од лимитите за поголем и понагласен руски интерес на Балканот“, вели Никовски.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG