Достапни линкови

Сите банки во Кипар ќе бидат затворени до четврток


Кипарската централната банка соопшти дека сите банки во земјата ќе бидат затворени до четврток, 28 март. Претходно, Централната банка соопшти дека сите банки, освен најголемите две – Кипарската банка и Лаики, ќе отворат денеска. Во соопштението од Централната банка на Кипар се наведува дека одлуката е во насока на обезбедување „непречено функционирање на целиот банкарски систем“. Кипарската банка е затворена од 16 март за да спречи масовни повлекувања на депозитите додека властите преговараа со меѓународните кредитори за спасувачкиот пакет од 10 милијарди евра. Кипарските власти и кредиторите постигнаа договор што беше објавен вчера.

Претседателот Никос Анастасиадес изјави дека спасувачкиот план е болен, но суштински за избегнување економска криза. Тој рече дека по отворањето на банките ќе бидат воведени ограничувања за да се спречи масовен одлив на пари. Анастасиадес изјави дека мерките ќе бидат на сила до „смирување на ситуацијата“. Според договорот со меѓународните кредитори, депозитите поголеми од 100 илјади евра во двете најголеми банки ќе бидат замрзнати и оданочени. Русија најави дека ќе го поддржи планот за спас, иако тоа ќе значи големи загуби за руските штедачи кои чуваат милијарди долари во кипарските банки.
XS
SM
MD
LG