Достапни линкови

Најмногу коментари за крадењето мотори


Илустрација.
Илустрација.

И покрај локалните избори кои беа во фокусот, нашиот текст „Крадци на мотори ги рекетираат сопствениците“ е најкоментиран на нашата интернет страна.

Дека народот наш има и други проблеми во животот, освен изборите, покажуваат големиот број коментари по нашиот текст за зачестената појава на крадење мотори и барање откуп за нив, инаку инспириран од веб-страницата посветена на моторџиите, што ја уредува Благоја Мартиновски.
Лесно е да коментираш, фејсбук херои има со лопата да ги ринеш, сега сите се силат ќе ги тепале, не знам што, а две години си ќутат и си ги кријат моторите.
Коментар од читател.

Македон има инстантно решение: „Не се глупирајте, одма пријавување! Полицијата таквите мочковци за пет минути ќе ги реши“ - пишува во својата порака Македон. 100јан од Скопје веднаш му одговара, кажувајќи дека луѓето се плашат да го сторат тоа поради можноста крадците да им наштетат на членовите на семејството и пишува: „Лесно е да коментираш, фејсбук херои има со лопата да ги ринеш, сега сите се силат ќе ги тепале, не знам што, а две години си ќутат и си ги кријат моторите“ - завршува и упатува „Браво“ за веб-страницата motori.com.mk и за сè друго што направиле тие.
Народот пак ќе биде излажан... и во фотелја ќе седнат оние кои се покажале добро во крадење народни пари.
Коментар од читател.

Митко од Охрид се чуди зошто скапите мотори не се осигуруваат каско, но Баже го објаснува и тоа: „Тоа не се исплати. Првично компаниите не сакаат да чујат за осигурување мотори, а оние неколку што го прават тоа нудат нереални цени“.

Има само еден оптимистички коментар по нашиот текст пред фудбалскиот натпревар меѓу нашата и репрезентацијата на Белгија во петокот, кој заврши со пораз на Македонија, но Дуле од Италија сеедно извикува: „Со ваква игра како против Данска, сигурно победуваме. Напред, Македонија!“ Но, Македонија сепак загуби од Белгија.

Локалните, сепак, се неизбежни. По нашиот прилог „Изборната кампања врви, кумановци во летаргија“, Хогар Страшниот од Куманово испратил порака напишана на кумановски дијалект која е тешко да се интерпретира, но во која се опишани сите причини, од лагите на владејачката партија и партизацијата на сè во државата, зошто кумановци се летаргични, за да заврши со тоа дека и тој ќе земе бугарски пасош и ќе си оди од земјава.

Томе од Струмица откако ја прочитал нашата анализа дека неопределените гласачи ќе го решат исходот на изборите, резигнирано напишал: „Народот пак ќе биде излажан... и во фотелја ќе седнат оние кои се покажале добро во крадење народни пари... народот е палома за една употреба и треба да се свести и да не излегува на никакви избори“.

Инаку, информациите од вчерашното одвивање на гласањето што од минута во минута можевте речиси во живо да го следите на нашата веб-страна вчера била најчитана од вас, почитувани.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG