Достапни линкови

Локални избори без насилства


Ова е главната оценка на странските новински агенции за вчерашните локални избори во Македонија. Тоа, како што додаваат, ги зајакнува македонските надежи за почеток на пристапните преговори оваа година.

Македонците гласаа мирно на неделните локални избори со што се покажа дека земјата свртила страница и оти не се повторени политичките и етничките насилства со кои беа нарушени претходните изборни циклуси. Ова го наведува агенцијата Асошиетед прес, додавајќи дека „малата балканска држава се надева оти слободни, транспарентни и мирни локални избори ќе помогнат во зацврстувањето на нејзиниот случај за зачленување во Европската унија.

Сепак, Асошиетед прес наведува дека граѓанската асоцијација МОСТ која имаше распоредено 3 ипол илјади посматрачи забележала бројни неправилности, како например семејно гласање, кога еден член гласа или им кажува на другите за кој кандидат да
Малата балканска држава се надева оти слободни, транспарентни и мирни локални избори ќе помогнат во зацврстувањето на нејзиниот случај за зачленување во Европската унија.
Асошиетед прес.

гласаат и сликање на гласачкото ливче со мобилни телефони како доказ за кого гласале.

Агенцијата додава дека партиите биле поделени по етничка основа за кандидатите за градоначалници и оти се очекува конзервативната коалиција да победи во повеќето градови.

Коалицијата предводена од опозициските социјалдемократи, како што потсетува Ројтерс, им се вклучила на изборите во последен момент, по интервенција на Европската комисија и на европарламентот, а откако претходно два месеца ја блокираше работата на Собранието.

Тогаш еврокомесарот за проширување Штефан Филе порача дека учеството на опозицијата на локалните избори е од клучна важност за кандидатурата на Македонија во Унијата.

Агенцијата Ројтерс потсетува дека, освен спорот со Грција околу името, македонските надежи за скорашен почеток на преговорите со Брисел наишле на уште една пречка кога СДСМ два месеца ја бојкотираше работата на парламентот во протест поради исфрлањето на нејзините пратеници од собраниската сала во минатиот декември.

По меѓународен притисок социјалдемократите се согласија да го прекинат бојкотот и да учествуваат на локалните избори. Тие, како што наведува Ројтерс, биле одржани без проблеми и покрај неодамнешните етнички и политички нереди.

„Ние можеби ги имавме најдобрите и најчисти избори досега. Би требало да се гордееме, бидејќи Македонија покажа дека нејзиното место е во Европската унија“, ја цитира агенцијата Ројтерс изјавата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Франс прес исто така ја пренесува оценката на министерството за внатрешни работи дека за време на 12 часовото гласање на локалните избори не биле забележани поголеми проблеми и оти посматрачите на невладините организации нотирале извесен број мали неправилности.

Агенцијата, повикувајќи се на извори на албанските политички партии, јавува дека неколку илјади етнички албанци кои живеат во странство дошле да гласаат со специјални летови, главно од Швајцарија, Германија, Белгија, Италија и Соединетите држави.

Франс прес забележува дека на изборите имало и изненадувања, како на пример тоа што најголемите политички ривали во македонскиот блок ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за прв пат во изминативе 20 години предложиле заеднички кандидат во Кичево и Струга. Тоа истото во тие градови го сторија и ривалите во албанскиот блок, ДУИ и ДПА, јави Франс прес.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG