Достапни линкови

Победа на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ обвинува за нерегуларности


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја прослави победата на локалните избори 2013 на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја прослави победата на локалните избори 2013 на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа на локалните избори, опозицијата обвини дека изборите не биле фер и демократски и се закани со бојкот на вториот круг. Домашните набљудувачи нотирале бројни неправилности, а претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека информациите за многуте сериозни нерегуларности треба да бидат истражени.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа на локалните избори, опозицијата обвини дека изборите не биле фер и демократски и се закани со бојкот на вториот круг. Домашните набљудувачи нотирале бројни неправилности, а претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека информациите за многуте сериозни нерегуларности треба да бидат истражени.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ доби огромна доверба од граѓаните и убедлива победа. Би рекол дека победата е и над претходните наши очекувања, поголема отколку што и самите претходно очекувавме.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните резултати на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ води во поголемиот број на општини, а во дел од нив има освоено градоначалници уште во првиот круг. Одѕивот бил 67,61 отсто.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски околу полноќ прогласи убедлива победа. Тој рече дека партијата освоила најмалку 25 градоначалници уште во првиот круг, а во 32 општини е во водство.

„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ доби огромна доверба од граѓаните и убедлива победа. Би рекол дека победата е и над претходните наши очекувања, поголема отколку што и самите претходно очекувавме“, рече Груевски.
Сакам јасно да порачам дека сите нерегуларности што беа евидентирани или допрва ќе бидат евидентирани, додека не се расчистат, за нас сите опции се отворени вклучително и неучество во вториот изборен круг на овие локални избори.
Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на прес-конференција по полноќ оцени дека овие избори биле сè, само не фер. Бевме сведоци на закани, на притисоци, на злоупотреба на државните институции и на медиумска тортура, рече Црвенковски.
Локални избори во Битола.
Локални избори во Битола.

„Сакам јасно да порачам дека сите нерегуларности што беа евидентирани или допрва ќе бидат евидентирани, додека не се расчистат, за нас сите опции се отворени вклучително и неучество во вториот изборен круг на овие локални избори“, рече Црвенковски.

Тој рече дека нивна цел се предвремени парламентарни избори и конечна победа над „партиско-полицискиот режим на Никола Груевски“.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека прес-конференцијата на Црвенковски е обид за дезертерство од неговата сопствена одговорност по убедливиот пораз кој му се случи на СДСМ на локалните избори.
Посебно сакам да истакнам и очекувам дека ДИК исто така ќе се произнесе и во врска со посебните информации што треба да ги добиеме од МВР, а во врска со состојбата на поголемиот број на граѓани кои имаат лични карти издадени од МВР на исти адреси кои се наоѓаат во избирачкиот список.
Борис Кондарко, претседател на ДИК.

Во албанскиот блок, ДПА призна дека не победила на изборите, но дека освоила повеќе гласови отколку на минатите. ДПА соопшти дека победува во Струга и оти се надева на победа во Тетово во вториот круг. ДУИ е во водство во повеќето општини, а во дел од нив добива градоначалник во првиот круг.

Претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека изборниот ден помина без насилство и без предизвикување физички инциденти, но дека, според сознанијата и информациите на ДИК, имало и огромен број сериозни нарушувања на изборниот процес и постапката за гласање во и вон гласачките места.

„Со оглед на природата и содржината на забелешките за кои имаме информации дека се наведени во записниците на многу избирачки места во различни општини, очекувам дека ДИК истите сериозно и одговорно ќе ги истражи и ќе ги провери во целост, за што во наредниот период, во законските рокови, ќе одлучува јавно и транспарентно, а сето тоа по добивањето на записниците од избирачките места. Посебно сакам да истакнам и очекувам дека ДИК исто така ќе се произнесе и во врска со посебните информации што треба да ги добиеме од МВР, а во врска со состојбата на поголемиот број на граѓани кои имаат лични карти издадени од МВР на исти адреси кои се наоѓаат во избирачкиот список“, рече Кондарко.

Првиот човек на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов рече дека нивните набљудувачи на денот на изборите забележале низа неправилности како семејно гласање, фотографирање гласачки ливчиња, некористење УВ ламба...

„Гласачко место 1852, општина Струга - забележани 27 случаи на семејно гласање. Гласачко место 1930 во општина Тетово - забележани над 30 случаи на семејно гласање. Во ОИК Суденичани пријавени се 23 гласачи кои имале биометриски лични карти, а ги немало во Избирачкиот список. Гласачко место 1376, општина Прилеп - две лица во два одделни наврати се фатени како сликаат гласачки ливчиња. Гласачко место 1947, општина Тетово - забележани се над 30 случаи на некористење на УВ ламба. Гласачко место 1682 општина во Свети Николе - се читаат на глас имињата на гласачите“, рече Алексов.

Организирано и масовно гласање, купување на гласови, злоупотреби на ученици од страна на професори во неколку средни училишта во Скопје во замена за подобри оценки, се дел од неправилностите кои ги забележале набљудувачите на Цивил, информира претседателот на организацијата Џабир Дерала.

„Не се регистрирани големи инциденти, не е регистрирано насилство, меѓутоа овие локални избори уште еднаш покажаа и докажаа дека се отворени големи и сериозни прашања на системот и неговата злоупотреба од главните актери во изборниот процес“, изјави претседателот на невладината организација Цивил, Џабир Дерала.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG