Достапни линкови

logo-print

Набљудувачите на Цивил регистрирале неправилности и злоупотреби


Претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Голем број неправилности и злоупотреби, регистрираа набљудувачките тимови на Цивил – Центар за слобода, што во рамките на проектот Слободни и ненасилни избори го следи денешното гласање

Најдрастични прекршувања со насилство и тепачки се забележани во општина Шуто Оризари. На избирачкото место 2955 имало тепечка меѓу директор на училиште и член на избирачката комисија.

„Тепачка во која учествувале членови блиски на кандидатите на овие избори е регистрирана и надвор од избирачките места во истата општина. На повеќе избирачки места во Шуто Оризари телевизиските сниматели се оневозможени да ја вршат својата работа. На новинар на ТВ Шутел му се упатени и физички закани“, се наведува во соопштението на Цивил.

Тепачка е забележана и во Могила на избирачкото место 0193. Активисти од иста политичка партија меѓусебното недоразбирање го расчистувале со физичка пресметка.

Организирано и масовно гласање е регистрирано во општина Ресен. Во организација на една политичка партија, жители од Пустец, Албанија, со автобуси се довезени во Ресен за да гласаат. Сличен случај е регистриран и во Охрид, каде автобуси довезле гласачи од Албанија, информира Цивил.

Активистите на Цивил регистрираа и голем број случаи на „купување“ гласови, главно во посиромашните општини. На избирачите им се делени пакети со храна и намирници или им се давани пари. Во неколку општини, партиски активисти им ги плаќале долговите во локалните продавници.

Злоупотреби се забележани од страна на професори во неколку средни училишта во Скопје. Од учениците е барано да гласаат за одредена политичка партија, тоа да го докажат со снимка од мобилен телефон, а во замена им е ветувано дека ќе ги поправат слабите оценки.

Овие и поголем број други неправилности активистите на Цивил ги регистрираа денеска до 16 часот.

Цивил овие локалните избори ги следи со повеќе од 150 набљудувачи во сите општини од кои 128 се акредитирани во Државната изборна комисија. Првичниот извештај за спроведувањето на локалните избори оваа невладина организација ќе го соопшти вечерва на прес-конференција што ќе се одржи во 20 часот кај споменикот на Мајка Тереза.
XS
SM
MD
LG