Достапни линкови

МОСТ - Гласањето нормално, мали неправилности


Сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има распоредено свои набљудувачи утринава се отворени, но, наместа се забележани одредени нерегуларности.
Претседателот на МОСТ Дарко Алексов на прес-конференција информира дека на гласачкото место 1720 општина Струмица набргу по отворањето имало прекин на гласањето поради тоа што е увидено дека постои вишок од 33 гласачки ливчиња. Извршен е увид од страна на Општинската изборна комисија при што е констатирана грешка во сериските броеви и дадена е препорака тоа да биде забележано во записникот, по што гласањето продолжило.
Гласачкото место 0957 во општина Крива Паланка е отворено со еден час задоцнување поради снег, а гласачкото место 0925 во Кратово е отворено во 7 часот и 30 минути и на ова гласачко место е забележано читање на глас на имињата на гласачите. Во општина Штип, гласачкото место 2295 е отворено во 7 часот, но е прекинато во 7 часот и 15 минути поради тоа што пред објектот во кој се гласало имало билборд на политичка партија. Општинската изборна комисија во соработка со Противпожарната служба го отстраниле пропагандниот материјал и гласањето продолжило во 7 часот и 45 минути.
Граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес тоа може да го сторат на бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку пак не се сигурни каде може да го остварат своето право на глас со внесување на своите податоци може да проверат на интернет-страницата www.izbirackispisok.gov.mk.
Граѓанската асоцијација МОСТ сите информации од набљудувањето ќе ги презентира на најавени прес-конференции во 13 часот, 17 и 21 часот.
Денешното гласање го следат 3.200 набљудувачи на граѓанската асоцијација МОСТ кои покриваат околу 50 проценти од избирачките места на територијата на целата држава.
XS
SM
MD
LG