Достапни линкови

Неделен печат - Политичка состојба и меѓуетнички односи


Глобус пишува за политичката ситуација во земјава, Република за мултикултурализмот, а Фокус за владините трошења за време на кампањата.

Глобус - Кои се вистинските антирежимлии
Прво, осознавме дека режимот се храни и се шири благодарение на нашата комоција и неодговорност, потоа, се покажа како голема заблуда дека режимот самиот од себе ќе падне, особено кога ќе колабира на финансиски план, па долго живеевме со илузијата дека Европа и Америка ќе ни ја завршат домашната задача, ставајќи го Груевски на столбот на срамот и така делегитимирајќи го.
Глобус.

За тоа кои се вистинските антирежимлии и дали постојат брзи и спектакуларни расплети во општества во кои владее режимска власт, анализира Глобус. За овие седум години научивме многу работи, пишува авторот. Прво, осознавме дека режимот се храни и се шири благодарение на нашата комоција и неодговорност, потоа, се покажа како голема заблуда дека режимот самиот од себе ќе падне, особено кога ќе колабира на финансиски план, па долго живеевме со илузијата дека Европа и Америка ќе ни ја завршат домашната задача, ставајќи го Груевски на столбот на срамот и така делегитимирајќи го. Во изминатите години и премногу теоретизиравме и си ја префрлавме топката кој што и како треба да прави. И на крај - можеби најважното: режимот постои веќе со години, а вистински антирежимлии добивме во последниве три месеци. А за три или за шест месеци - режим не се урива, порачува Глобус.

Република - Мултиетничка Македонија на тест

Република продолжува со анализите на мултиетничките односи во Македонија со акцент на големоалбанските изјави на некои од кандидатите Албанци за градоначалници во написот со наслов: „Мултиетничка Македонија на тест“. Откако наведува од свои извори дека македонските Албанци кои не можеле да дојдат за гласање ги давале своите лични карти на оние што дошле во државава, неделникот во рамче ги наведува изјавите на канцеларката Меркел и на премиерот Камерон за тоа дека во Германија и во Велика Британија мултикултурниот концепт се покажал како неуспешен.

Фокус - Владина мерка - популизам без мерка

Фокус објавува интересен сумарум направен од Фондацијата Отворено општество Македонија за прекршувањата на повеќе закони во предизборието од страна на Владата. Со факти и со бројки сумарумот насловен како: „Владина мерка - популизам без мерка“ ги набројува кршењата на законите за да се корумпираат граѓаните: спротивно на законските одредби во Законот за спречување корупција, во кој јасно се утврдува дека од моментот на распишување на изборите, па сè до нивното завршување не можат да се користат буџетски средства на Република Македонија, средства од општинските буџети и градот Скопје, дека не смее да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати, премиерот, неговите министри и градоначалниците фрлија лопати за изградба на неколку нови објекти, исплатија вкупно 40 милиони и 164 илјади евра за субвенции на тутунарите, на млекопроизводителите, на лозарите, сточарите, пензионерите и на 40 лекари... и така натаму и така натаму, за да заврши со прашањето кој ја плаќа изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG