Достапни линкови

Репер - Поголем медиумски простор за македонските автори


Замислен како платформа за вмрежување на уметниците од сите области во земјава и за создавање поподобни услови за нивна натамошна комуникација и промоција, во саботата, излезе првиот онлајн број на возобновениот „Репер“ (www.reper.net.mk), единствениот македонски е-неделник за култура.

„Мојата земја е далеку од светската културна мапа“ на Игор Дурлоски, „Уметноста не смее да биде алатка на политиката“ од Васил Зафирчев, „Македонија треба да се сака како целина“ интервју со проф. Д-р Златко Крамариќ, амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија, „Универзумот ги слуша вашите желби, само не му е гајле!“ или афоризми на м-р Моџо Килингтон... се само некои од насловите што читателите можат да ги прочитаат во актуелниот онлајн број на возобновениот „Репер“, првиот и единствен македонски е-неделник за култура.
Репер на едно културолошко рамниште ќе ги согледува сите појави што се случуваат во културата и во уметноста кај нас. Ќе бидат објавувани различен вид на текстови, од интервјуа, рецензии, огледи, претставувања на разни културни дејци, нормално со можност да расте и во таа лабораторија да поминат речиси сите луѓе кои што нешто значат во македонската уметност и култура, погледната во еден поширок аспект.

Замислен како платформа за вмрежување на уметниците од сите области во земјава и за создавање поподобни услови за нивна натамошна комуникација и промоција, магазинот, како што велат неговите потписници, не само што ќе ги следи досегашните заложби туку поагресивно ќе тежнее да биде медиумски простор, каде што на едно (виртуелно) место ќе изврши (вистинско) обединување на сите вешти луѓе токму во времето кога на општеството бавно му оди да го стори истото во други сфери и области.

Како и досега, скромно залагајќи се за ширење на наследената и на современата култура и креативност од територијата на Македонија преку употребата на современите достигнувања во интернет-технологиите и во социјалните мрежи, зад неделникот стои издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Жарко Кујунџиски, писател и еден од уредниците во магазинот, вели дека „Антолог“ со сите свои капацитети ќе се насочи кон „Репер“ затоа што тоа е проект кој нема помош од никаде. Тој, откако ќе забележи дека во изминативе пет-шест години имале и вишнеења, летаргии и падови, дополнува дека наново го иницирале неговото возобновување со надеж, барем во сегментот на соработници, да имаат интерес од колегите и пријателите, од оние што ги знаат и оние што не ги познаваат. Кујунџиски е убеден дека набрзо ќе се утврди оти формулата која што сега ја смислиле ќе вроди со плод и дека овој е-неделник за култура ќе си има своја иднина.

„Репер на едно културолошко рамниште ќе ги согледува сите појави што се случуваат во културата и во уметноста кај нас. Ќе бидат објавувани различен вид на текстови, од интервјуа, рецензии, огледи, претставувања на разни културни дејци, нормално со можност да расте и во таа лабораторија да поминат речиси сите луѓе кои што нешто значат во македонската уметност и култура, погледната во еден поширок аспект.“

Всушност, е-неделникот е замислен како конструктивен одговор на сè почестото истуркување на автентичната македонска култура на споредниот колосек од јавниот интерес. Едноставно, списанието ќе тежнее на домашниот уметник и креативец да му го отстапи медиумскиот простор кој обично му недостасува, истовремено обидувајќи се и да ги задоволи потребите на читателската публика која има насушна потреба од информации и продукција на квалитетни дела од областа на македонската и од светската култура.

Покрај Кујунџиски, во потесната редакција на „Репер“ се Иван Антоновски и Ѓорѓи Крстевски, млади творци кои се надеваат дека на овој начин, со своите заложби, ќе внесат свежа енергија во медиумскиот простор и ќе стимулираат разгранување на контактите и релациите во рамките на овдешната, на моменти, апатична културна сцена.

„Нашите врати се отворени за сите уметници, но нашата цел е претежно да се подржат младите и неафирмирани творци, односно оние луѓе кои што немаат начин како да се изразат, односно да и се претстават на публиката. Поголем акцент ќе биде ставен на нивно промовирање, не мора да бидат непознати туку релативно непознати и автори во подем и тоа од секаков калибар – сликари, писатели, дигитални уметници итн“, истакнува Крстевски.

Кон ова само уште информацијата дека е-неделникот е планирано да излегува секоја сабота на интернет адресата www.reper.net.mk, а листата на идните потенцијални соработници и натаму е отворена.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG