Достапни линкови

Напредок, но не и договор меѓу Белград и Приштина


архива

архива

Посредникот во разговорите Кетрин Ештон уверува дека конечно решение ќе биде најдено на состанокот закажан на втори идниот месец.

На заедничката прес конференција по 12 часовните разговори во Брисел, шефицата за надворешни работи на Европската унија Кетрин Ештон потенцира дека главно се разговарало за северот на Косово каде што етничките Срби бараат поголема автономија.

„Лично сметам дека ние сме многу блиску до решение за повеќе тешки прашања во врска со северот на Косово. Од секогаш велам дека цел на овој дијалог е нормализација на односите, во што ги поддржуваме и двете страни.“

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека не може да каже дали Белград и Приштина се блиску или далеку од договор, бидејќи, како што рече, погледот на ситуацијата би можело да се смени во секој момент.

„И натаму постојат некои разлики, пред се за заедницата на српските општини на Косово, но можам да ви кажам дека за време на овие седум средби изградивме однос во кој ги почитуваме договорите и ги решаваме тешките прашања.“

Лично сметам дека ние сме многу блиску до решение за повеќе тешки прашања во врска со северот на Косово. Од секогаш велам дека цел на овој дијалог е нормализација на односите, во што ги поддржуваме и двете страни.
Дачиќ исто така оцени дека Србија е приврзана за дијалогот не поради датумот за преговорите со Европската унија, туку поради потребата да се реши проблемот и земјата да се сврти кон иднината.

Премиерот на Косово Хашим Тачи исто како и неговиот српски колега изјави дека не може да каже дали може наскоро да следува и евентуален конечен договор.

„Можам да потврдам дека постигнавме напредок за некои прашања кои ги разгледувавме. Не можам да потврдам дали сме блиску или далеку од решение, но барем сме во вистинска насока.“

Тачи изрази уверување дека во наредните денови би можело да дојде до решение за северна Митровица и оти иднината на двата народа ќе биде иднина на мир и развој.

„Тоа ќе значи и стабилност во целиот регион“, оцени Тачи.

Српскиот премиер Дачиќ дополни дека по негов предлог дошло до заедничката прес конференција со цел да не се даваат различни верзии за она за што се разговарало 12 часа.

И Дачиќ и Тачи притоа изјавија дека сигурно не и биле најдобро друштво на Ештон која во средата имала роденден. Премиерите на Србија и на Косово заминуваат за Њујорк каде што утре треба да го информираат Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во регионот.

Прогресот во разговорите ја отвора вратата за пристапни преговори на Србија со Европската унија. Европската комисија во април треба да објави извештај за тоа дали е постигнат напредок меѓу Белград и Приштина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG