Достапни линкови

Тутунот - главна тема во предизборната кампања во Долнени


Општина Долнени.
Општина Долнени.

Најголем број од работоспособните жители на општина Долнени се занимаваат со земјоделство и исклучително мал број од нив се во редовен работен однос.

Околу 14 илјади жители на Општина Долнени очекуваат дека оваа трка за локалните избори ќе им го подобри квалитетот на животот од сите аспекти. Најголем број од работоспособните жители се занимаваат со земјоделство и исклучително мал број од нив се во редовен работен однос.
Имаме реконструкција на водовод, на цевковод, на стар водовод во населено место Дебреште во вредност од 90.000 евра, водовод за кој тендерската документација е завршена и се чека изградба на тој водовод, изградба на потисен цевковод во село Житоше со резервоар, со вредност од 107.000 евра.
Абдула Бајрамоски, градоначалник и кандидат од ДУИ за градоначалник на Долнени.

Абдула Бајрамоски, градоначалник на општина Долнени и кандидат на ДУИ.
Абдула Бајрамоски, градоначалник на општина Долнени и кандидат на ДУИ.
Од друга страна, Општината располага со приближно 400 хектари земјиште, од нив 2/3 е погодно за обработка и производство на земјоделски култури. Затоа и експертите ангажирани од невладината АГТИС, во насока на утврдување на контурите на новиот локален економски развој во оваа рурална општина, потенцираа дека тоа е невозможно без развој на земјоделството, поточно тутунопроизводството.

Актуелниот градоначалник на Долнени, Абдула Бајрамоски, кандидат од ДУИ, својот следен мандат планира да го добие со низа проекти, а инфраструктурата му е приоритет.
Приоритет ќе биде отворање на мали, мини погони за преработка на земјоделски производи, најголем дел од производството на тутун во државата е во Општина Долнени, близу 10 милиони килограми, и тука ќе биде насочена активноста за мини преработен центар на тутун.
Изудин Каришиќ, кандидатот за градоначалник на Долнени од СДСМ.

„Имаме реконструкција на водовод, на цевковод, на стар водовод во населено место Дебреште во вредност од 90.000 евра, водовод за кој тендерската документација е завршена и се чека изградба на тој водовод, изградба на потисен цевковод во село Житоше со резервоар, со вредност од 107.000 евра“, најави Бајрамоски на изборниот митинг во Долнени.

Ќе се залага и за отворање на стопанска зона, за која се неопходни детални урбанистички планови и патишта.

Неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Боше Милошески, локалниот економски развој на Општина Долнени го темели на привлекување инвеститори и компании кои ќе вршат откуп на тутун, изградба на откупни пунктови за тутун. Новата Стратегија за ЛЕР со акциски план до 2020 година ќе ги содржи целите и насоки за целокупното стопанство и економскиот развој на општината, стои во програмата на Милошески.

Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Изудин Каришиќ, има свои приоритети, со кои ќе го ревитализира стопанскиот живот во оваа рурална Општина.

„Приоритет е локалниот економски развој, целосно покривање на инфраструктурата, канализации, водоводи, снабдување на сите населени места со здрава вода за пиење... Приоритет ќе биде отворање на мали, мини погони за преработка на земјоделски производи, најголем дел од производството на тутун во државата е во Општина Долнени, близу 10 милиони килограми, и тука ќе биде насочена активноста за мини преработен центар на тутун“, истакнува Каришиќ.

Но, и покрај сите овие заложби, експертите од Институтот за тутун, тврдат дека до денеска ниту еден од овие кандидати не ги контактирал, ниту побарал стручно мислење како натаму да се развива тутунопроизводството во оваа општина.

„Од страна само на тутунските здруженија е побарана одредена минимална помош од Институтот, а за стратегија воопшто не е побарано мислење. За разлика од другите општини каде што има само старечка структура, во Долнени има младо население кое може да биде активно и да работи и кое не отишло во други земји во Европа и Америка“, вели Кирил Филипоски, експерт за тутун, вработен во прилепскиот Институт за тутун, единствен во државата.

Според Филипоски, политичките партии при изготвување на своите програми за оваа рурална општина, секако требало да ги земат предвид и новите климатски промени кои нема да ја заобиколат општината, новите стандарди на ЕУ за производство на земјоделски култури и обезбедување на вода со изградба на акумулации во општината. Овие сегменти, вели тој, треба да бидат задолжителни во Стратегијата за локален економски развој.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG