Достапни линкови

„Фантомски гласачи“ за изборни измами?


СДСМ обвинува за „фантомски гласачи“ во општина Центар, а ВМРО-ДПМНЕ реагира дека опозицијата креира алиби за непризнавање на изборните резултати.

Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека во Избирачкиот список во Општина Центар незаконски се внесени најмалку 345 „фантомски гласачи“ и оти одговорноста за легитимноста на изборите и за последиците од изборен фалсификат ќе ја има владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Шефот на изборниот штаб на СДСМ Игор Ивановски тврди дека имаат основани причини да се сомневаат за „изборна измама“ за која веднаш ќе ги известеле ОБСЕ/ОДИХР и сите амбасади од кои ќе побарале со свои претставници да ги покријат гласачките места каде треба да гласаат, „фантомските гласачи“.
Игор Ивановски, член на СДСМ

Игор Ивановски, член на СДСМ


Ивановски на прес-конференција на ул. „Васил Ѓоргов во населбата Капиштец, една од локациите за кои тврди дека се пријавени „фантомски гласачи“, рече дека лицата кои се запишани како гласачи се сомневаат оти се од Мала Преспа од Албанија и „ќе бидат злоупотребени на денот на изборите“.

И оваа денешна прес конференција е само една од низата прес конференции и активности на СДСМ во последната недела за да го оправдаат изборниот пораз, особено после јасните информации кои им пристигаат од теренот, дека немаат никаква подршка за нивните кандидати
Набројувајќи повеќе адреси на кои според него се запишани најмалку 345 „фантомски“ гласачи, тој наведе дека врз основа на видео запис од мини анкета што ја спровеле на дел од тие адреси во Центар, становите се непостоечки или напуштени станови. Тој додаде дека правниот тим на СДСМ подготвувал кривична пријава за министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска бидејќи, како што рече, за упис на овие фантомски гласачи директна надлежност има МВР.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на обвинувањата од СДСМ за изборна измама со „фантомски гласачи“ оценува дека опозициската партија продолжува да го реализира својот план за креирање алиби за непризнавање на изборните резултати и волјата на граѓаните. Според ВМРО-ДПМНЕ, неколку пати медиумите и експертите посочија дека опозицијата подготвува такво сценарио и алиби за да го оправдала својот пораз на локалните избори.

„И оваа денешна прес-конференција е само една од низата прес-конференции и активности на СДСМ во последната недела за да го оправдаат изборниот пораз, особено после јасните информации кои им пристигаат од теренот, дека немаат никаква поддршка за нивните кандидати“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека СДСМ на овие избори не се занимава со програми, проекти и конкретни работи што ги интересираат граѓаните, туку само бараат алиби за „својот очигледен пораз“.

„Ние од ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да дозволиме да влеземе во нивното сценарио и јавно кажуваме дека немаме никаква врска со нивните наводи и набедувања. Очекуваме овој тренд од нивна страна, кој што треба да креира атмосфера со која тие ќе се обидат да ги оспорат изборните резултати, да продолжи до самиот изборен ден. Апелираме до нив да не влегуваат во такви шеми и сценарија и да престанат да измислуваат вакви и слични наводи“, се вели во реакцијата од ВМРO-ДПМНЕ.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG