Достапни линкови

logo-print

Интимна визуелна исповест на Билјана Василева во МКЦ


„Keep Calm and Have a Vagina“ е насловена шестата самостојна изложба на Билјана Василева што ќе биде отворена утревечер во 21 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Оваа нејзина интимна визуелна исповест ја чинат дела настанати во последнава година преку кои таа му порачува на светот дека со него, тивко, суптилно, со интелект и со убавина владеат жените.

Билјана Василева, во пресрет на својата нова средба со ликовната публика, знае да забележи дека во оваа авантура влегла првенствено потпирајќи се на сопствената визуелна инспирација и дека притоа пораката што сака да ја соопшти и е второстепена оти сепак, естетиката, нејзе лично и е најбитна. Таа дополнува дека сега кога веќе се одлучила изложбата да ја именува како „Keep Calm and Have a Vagina“ е длабоко свесна оти од неа се очекува да даде одредено објаснување.
Сакам да упатам порака на некој начин до припадничките на мојот пол дека иако се смета дека живееме во машки свет не мора да за да успееме во тој свет да се користиме со типично машки оружја – со агресивност и насилие. Не треба да играме по нивните правила.

„Сакам да упатам порака на некој начин до припадничките на мојот пол дека иако се смета дека живееме во машки свет не мора да за да успееме во тој свет да се користиме со типично машки оружја – со агресивност и насилие. Не треба да играме по нивните правила. Можеме да ги постигнеме своите цели на типично женски, суптилен, културен начин. Меѓутоа во сето тоа има и една иронија. Насловот е свесно провокативен, да привлече внимание, да постави некои прашања за состојбите во родовите сфери, па и во политичките и во социолошките генерално кај нас.“

За своите 17 платна, акрил и масло, 8 акрили масла на дрво, мал формат и 15 цртежи, сите главно насликани во текот на изминатава година, Василева очекува најразлични реакции. Вели дека колегите уметници тоа го прифаќаат како многу нормална работа, дека познавачите на уметноста и даваат поддршка, а од пошироката публика не исклучува и негативни мислења. Сепак, како што заклучува, кога веќе тргнал, уметникот треба да биде храбар и да оди до крај.
Едноставно јас си го кажав своето, а реакциите тоа е веќе небитно за уметникот, за оној кој вистински се чувствува како уметник.

„Едноставно јас си го кажав своето, а реакциите тоа е веќе небитно за уметникот, за оној кој вистински се чувствува како уметник.“

Инаку, оваа изложба по многу нешта се разликува од нејзиното досегашно творештво. Претходниот циклус на цртежи на Василева беше со многу тага и меланхолија во мотивите, а уметницата потенцира дека се работи за еден вид експеримент кој и нејзе лично треба да и даде многу одговори.

„Ова ми е еден вид експеримент. Како ќе помине ќе видиме. Мене ми треба и одредена временска дистанца за да дознам како лично ќе го доживеам, меѓутоа сигурна сум дека нема да продолжам на ист начин затоа што целта ми е цело време да експериментирам и со медиуми и со содржини, така да следното што ќе го видите од мене ќе биде сосема поразлично. Дури две-три дела што ми останаа да ги завршам сега на крај откако го почувствував циклусот како готов ми беше тешко да ги насликам во истиот стил.“

Родена 1973 година, Билјана Василева дипломирала Графика и графички дизајн на Факултетот за ликовна уметност во класата на Костадин Танчев – Динка. По дипломирањето истражува во областа на сликарството, цртежот и графичкиот дизајн, во поново време и на видеоартот, а зад себе досега има пет самостојни изложби главно во галериите во Скопје и во Малме, Шведска.

Во периодот што следува таа ќе се обиде својот последен циклус да го претстави на слична постановка во Германија, а поголемиот дел од делата веќе се ставени на интернационалните сајтови на кои можат да се пласираат творештвата на уметниците од светот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG