Достапни линкови

Кипар не се откажува од „даночниот рај“


Кипарскиот Парламент синоќа го отфрли предлог-законот за оданочување на банкарските депозити. Триесет и шест пратеници во 56-члениот Парламент гласаа „против“, а 19 беа воздржани, без ниту еден глас „ за“ . Претходно претседателот на Парламентот Јанакис Омиру ги повика пратениците да гласаат против планот, кој го нарече „уцена“, затоа што станува збор за услов за добивање меѓународната финансиска помош од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд.

Кипар на 16 март склучи првична спогодба со кредиторите од еврозоната и ММФ за спасувачка програма, која предвидуваше во замена за десет милијарди евра помош, да биде воведен вонреден данок од 6,75 отсто на сите банкарски депозити до сто илјади евра и 9,9 отсто на депозитите над оваа сума, со цел на овој начин да се соберат 5,8 милијарди евра.

Во меѓувреме кипарскиот министер за финасии Мајкл Сирис пристигна во Москва на разговори со неговиот руски колега, во потрага по дополнителна помош. Русија веќе му позајми на Кипар 2,5 милијарди евра. Москва се спротивставува на идеата за дополнителен данок за банкарските депозити затоа што тоа ќе влијае врз богатите Руси кои имаат заштеди во Кипарските банки.
XS
SM
MD
LG