Достапни линкови

Митров - време е да ја израдувам Македонија со медал


Македонскиот репрезентативец во борење слободен стил, Дејан Митров ќе ги брани боите на Македонија на ЕП во Тбилиси.

Минатогодишниот неуспех во битката за обезбедување настап на Олимписките игри, не остави посериозна негативна трага врз кариерата на македонскиот репрезентативец во борење слободен стил, Дејан Митров.
Да, па затоа тренираме, за тоа работиме, да ја израдуваме македонската јавност бидејќи е гладна знаеме за медали од Европски и од Светски првенства. Многу време немало таков резултат, па зошто да не, јас мислам дека е време за таков момент.

Потсетуваме, пред 11 месеци тој стигна на само еден чекор од визата за Лондон, но во полуфиналето на квалификацискиот турнир во Софија (Бугарија) доживеа несреќен пораз. Кај поранешниот освојувач на бронзени медали на јуниорско и на младинско европско првенство, тоа донесе разочараност, која, за среќа, не траеше долго, па Дејан набргу продолжи со напорна работа за остварување на нови големи цели.

„Од една страна бев разочаран. Меѓутоа од друга страна бев дополнително инспириран понатаму да работам напорно. Ништо не е загубено, се уште сум млад, продолжувам уште најмалку, живи здрави, два олимписки циклуси се пред мене. Со добра работа, со упорност, дисциплина, одговорност кон тоа што го работиме, јас сум оптимист и верувам дека ќе постигнам висок резултат. Зборуваме за резултат од Европски, Светски и од Олимписки Игри“, изјави повеќекратниот македонски првак во категоријата до 66 килограми.

Првата прилика за потврда на овие зборови, Митров ќе ја има во текот на оваа недела (од 19-ти до 24-ти март) на ЕП во Тбилиси (Грузија). За овој настан, членот на „Балканец“ се подготвуваше неколку месеци, а главните тренинзи беа во Бугарија. Таму во изминатите две недели работеше со квалитетни спаринг - партнери од Бугарија, Швајцарија, Романија, Молдавија и од Украина, што, според негово признание, му помогна да ја усоврши формата. Тоа пак кај него го зголеми оптимизмот и уверувањето дека по 13 годишна пауза од олимписката бронза на Могамед Ибрагимов, во Грузија ќе стане првиот борач кој на Македонија и донел трофеј од врвен сениорски шампионат.

„Очекувам пред се да се изборам како што сум го правел тоа за време на тренинзите. Со мала спортска среќа во жребувањето, јас верувам дека ќе имам висок пласман, од прво до петто место според мене.“

РСЕ: Значи може да очекуваме и прв медал на сениорско натпреварување?

„Да, па затоа тренираме, за тоа работиме, да ја израдуваме македонската јавност бидејќи е гладна знаеме за медали од Европски и од Светски првенства. Многу време немало таков резултат, па зошто да не, јас мислам дека е време за таков момент“, додаде Дејан Митров.

Покрај него, на ЕП во Грузија, боите на Македонија ќе ги брани уште еден борач од „Балканец“, Бобан Данов во категоријата до 120 килограми.
XS
SM
MD
LG