Достапни линкови

Засега без договор за Заедницата на српски општини


Прогресот се одвива чекор по чекор, изјави Хашим Тачи наведувајки дека не станува збор за некакви остапки спрема српското малцинство на Косово.

Косовскиот премиер Хашим Тачи денеска по средбата со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Кетрин Ештон изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина се наоѓа во завршна фаза.

„Прогресот се случува чекор по чекор. Ние мора да се справиме со насобраните проблеми кои со Србија се стари еден век. Проблемот на северот е стар 13–14 години. Јас очекувам работите да се движат напред“, изјави Тачи, наведувајќи дека не станува збор за некакви остапки спрема српското малцинство на Косово.
Прогресот се случува чекор по чекор. Ние мора да се справиме со насобраните проблеми кои со Србија се стари еден век. Проблемот на Северот е стар 13 – 14 години. Јас очекувам работите да се движат напред.
Хашим Тачи, премиер на Косово.

Според него, заедницата на српските општини нема да има извршен законодавен мандат, при што истакна дека е оптимист за постигнувањето на спогодба за нормализирање на односите.

Тачи изјави и дека очекува од Белград да биде попрагматичен кон Косово и оти ќе ја признае ситуацијата на терен.

Оптимизам и кај српските лидери

Претседателот на Србија Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ порачаа денеска по разговорите со високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон дека договор меѓу Белград и Приштина за заедницата на српски општини се уште не е постигнат бидејќи и понатаму нема согласност за надлежностите на заедницата.
Секогаш се надевам дека можеме да изнајдеме решение, и сега велам дека сум оптимист. Никогаш не сме биле поблиску до договор кој би овозможил луѓето на Косово да имаат шанса да живеат подобро...и Србите да живеат во заедница во која би го регулирале својот живот и да останат поврзани со Србија.
Томислав Николиќ, претседател на Србија


„Секогаш се надевам дека можеме да изнајдеме решение, и сега велам дека сум оптимист. Никогаш не сме биле поблиску до договор кој би овозможил луѓето на Косово да имаат шанса да живеат подобро...и Србите да живеат во заедница во која би го регулирале својот живот и да останат поврзани со Србија“, изјави Николиќ.

Според него, дијалогот ќе продолжи во Брисел на 20 март и постои можност во меѓувреме „да проциркулира извесен нон-пејпер“ документ базиран на мислења на Приштина и Владата на Србија. Премиерот Дачиќ изјави дека во овој момент не е едноставно да се одговори дали во дијалогот има напредок бидејќи Приштина одобрува формирање заедница на српски општини, но нема одговор за нејзините надлежности.
Српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ
Српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ

„И понатаму постојат разлики. Да имаше договор сигурно овде би била Ештон тоа да го објави. Договор нема и нема да има се додека не се разгледаат суштински нашите предлози. Не ни е битно да добиеме заедница на српски општини заради наш инат, туку тоа навистина да биде начин за надминување на проблемите“, изјави Дачиќ.

Тој демантираше шпекулации дека во дијалогот со Приштина станува збор за договор за нормализација на односите.

Ештон во интензивна дипломатија

Високиот претставник на Eвропската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон по денешната посета на Приштина изјави дека со политичките лидери имала отворени и интензивни разговори за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Според соопштението, на средбата станало збор за примената на веќе постигнати договори и потребата да се дискутира на тема отворени прашања за што побрза реализација.

Ештон за време на посетата се сретна со косовскиот премиер Хашим Тачи, претседателката Атифете Јахјага и лидерите на политичките партии.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG