Достапни линкови

logo-print

„Кардиналите отидоа да ме бараат на крајот на светот и сега сме тука“, беа првите зборови на новиот папа на Римокатоличката црква по неговиот синоќешен избор во Ватикан. За повеќето познавачи ова е изненадување, бидејќи аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Берголио воопшто не беше меѓу фаворитите.

Франческо, Франсис или Фрањо, е прв папа од редот на језуитите, прв кој доаѓа надвор од Европа по повеќе од еден милениум и прв од Јужна Америка.

Тој исто така, е прв понтиф кој по Јован Павле Први одбра претходно неупотребено папско име, а во чест на светиот Франческо Асишки, скромен монах кој многу и помогнал на Католичката црква.

Ватикан веднаш соопшти дека официјалното име на новиот папа е само Франческо, без римскиот знак за Први.

„Ќе стане Франческо Први откако ќе имаме Франческо Втори“, изјави портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди.

Ќе стане Франческо Први откако ќе имаме Франческо Втори.
76-годишниот Берголио кој е со италијанско потекло беше избран за 266 понтиф на вториот ден од гласањето на 115 кардинали на конклавата во Сикстинската капела во Ватикан.

„Ви објавувам со голема радост. Имаме нов Папа. Се вика Хорхе Марио Берголио и го зеде името Фраческо“, изјави францускиот кардинал Жан Луј Торан, по што на десетиците илјади насобрани верници на Плоштадот Свети Петар во Ватикан им се обрати, на италијански јазик и новиот Папа:

„Браќа и сестри, добровечер. Како што знаете должност на конклавата е да избере нов поглавар. Изгледа дека моите браќа кардинали отидоа скоро до крајот на светот. Но, сега сме тука.“

Новиот Папа веднаш побара молитва за неговиот претходник Бенедикт 16 кој стана првиот понтиф што во изминативе 600 години си поднесе оставка.

Скоро никогаш не давал интервјуа и никогаш не се бранел од критиките за неговите конзервативни ставови во врска со контрацепцијата и легализацијата на хомосексуалните бракови.
Пред осум години кога Бенедикт беше избран за папа, Берголио се најде на второто место, но овој пат не беше меѓу фаворитите.

„Мислам дека тоа беше изненадување. Кога името на папата за прв пат беше кажано на латински сите почнаа да се прашуваат: Чекај, кој е тоа?“, изјави Тереза Бергер, експерт од Универзитетот Јеил за надбискупот од Буенос Аирес кој скоро целата кариера ја мина во Аргентина.

Тој има докторат по теологија, а кардинал стана пред 12 години. Важи за скромен човек кој, за разлика од неговите претходници кои уживале во луксузни работи, на работа одел со автобус, сам готвел и редовно ги посетувал сиромашните квартови на Буенос Аирес.

Работел на подобрување на угледот на црквата која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина во седумдесетите години од минатиот век.

„Скоро никогаш не давал интервјуа и никогаш не се бранел од критиките за неговите конзервативни ставови во врска со контрацепцијата и легализацијата на хомосексуалните бракови“, вели неговиот авторизиран биограф Серџо Рубин.

Новиот папа доаѓа на чело на Римокатоличката црква во период кога е соочена со големи тешкотии, скандали за педофилија и корупција и интриги во моќната ватиканска бирократија позната како куриа.

Неговото устоличување е планирано за 19 март кога, меѓу другото, ќе го прими и „рибарскиот прстен“. Неговиот избор веднаш беше поздравен од повеќето светски лидери.

Најголемиот број папи досега се од Италија 217, потоа од Франција 17, од Грција 13 и од Германија 8. Најчесто избрано име е Јован.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG