Достапни линкови

Греењето на Битола - топ тема на кандидатите за градоначалници


Ќе се грее ли Битола од РЕК Битола?

Ќе се грее ли Битола од РЕК Битола?

Затоплувањето на домовите на битолчани - главна тема на кандидатите на локалните избори. Можности за парно се гледаат во РЕК Битола, но и во најавената гасификација.

Новите начини за затоплување на домовите, институциите и други објекти во Битола се едни од главните ветувања на кандидатите за градоначалници во градот под Пелистер на годинaшните локални избори. На оваа тема деновиве се судрија локалната власт предводена од битолскиот градоначалник Владимир Талески, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за трет градоначалнички мандат, и локалната опозиција на чело со СДСМ.
Се уверивме дека во нашиот рударско-енергетски комбинат веќе во самата конструкција предвиден е дел за топлификација.

Главни адути на Талески во кампањата се топлификација на Битола преку комбинатот РЕК и гасификација.

„Најважниот дел кој доаѓа перспективно е гасификацијата што ја води Владата на Македонија. Но, за Битола, Новаци и Могила важна е и топлификацијата. Се уверивме дека во нашиот рударско-енергетски комбинат веќе во самата конструкција предвиден е дел за топлификација. Вакви примери има и во соседна Србија и во Грција, граѓаните имаат 24 часа греење во своите домови, три пати поевтино од кое било друго затоплување“, изјави Талески.
Гасификацијата е еден од врвните приоритети кои нашиот кандидат за градоначалник Менде Диневски го вети уште пред половина година.

Според портпаролот на СДСМ во Битола Оливер Николоски, Талески на претходните избори ветуваше топловод кој не го изгради, а сега зборува за топлификација. Што се однесува на гасоводот, опозиционерите велат дека нивниот кандидат за градоначалник Менде Диневски тоа го ветил пред повеќе месеци.

„Еден од најдолго ветуваните проекти на Талески и ВМРО-ДПМНЕ промовиран уште во 2006 година започна помпезно и заврши со закопани 50 метри цевки, низ кои и по седум години топла вода не протече. Во меѓувреме, нашите пратеници во неколку наврати поднесоа амандмани, но за жал нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. Гасификацијата е еден од врвните приоритети кои нашиот кандидат за градоначалник Менде Диневски го вети уште пред половина година“, изјави Николоски.

Во меѓувреме додека продолжуваат партиските натегања околу топлификацијата, статистиките покажуваат дека голем дел од битолчани се греат на струја и дека има домови кои плаќаат сметки повисоки и од фирмите. За жал, досега топлинската пареа од РЕК која можеше да се употреби за греење на градот, триесетина години остана неискористена.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG