Достапни линкови

Снежана Илиева со „Акварели во чест на Љубомир Белогаски“


Macedonia - Art exhibition of painter Snezhana Ilieva, poster - N/A

Macedonia - Art exhibition of painter Snezhana Ilieva, poster - N/A

„Акварели во чест на Љубомир Белогаски“ е насловена 10-та самостојна изложба на Снежана Илиева, што во чест на 19-годишнината од смртта на академскиот сликар и педагог, врвен мајстор на оваа сликарска техника, во вторник на 12 март, ќе биде отворена во неговата галерија при Музеј на град Скопје.

Нецели три месеци по постановката во рамките на манифестацијата „Кочани град на културата 2012“, Снежана Илиева своите акварели на ликовната публика ќе и ги претстави и на 10-та самостојна изложба што ќе се одржи во галеријата „Љубомир Белогаски“ во Музеј на град Скопје. Ќе бидат изложени 25 дела во кои уметницата ја соопштува својата визуелна сторија исткаена со сегменти од опкружувањето и животот воопшто.
Акварелот е брзопотезна техника која бара многу внимание, брзина и одлучност на потезот. Во акварелот враќање со четката назад нема. За акварелот нема утре. Сликата мора да се заврши и за да биде успешна треба навистина многу труд, мајсторство, талент.

Станува збор за слики со различна мотивска определба, како мртва природа, пејсажи, стара градска архитектура и градби од нашите познати цркви и манастири, сведени на елементарни претстави. За нив, во каталогот, ќе биде запишано дека „тоа се творби со лирска нарација на мотивите, дела кои се работени лесно, чисто, со одмереност и искреност, дела со педантна разработка и колорит на суптилни лавирања на светлите и темни партии и пасажи“.

„Акварелот е брзопотезна техника која бара многу внимание, брзина и одлучност на потезот. Во акварелот враќање со четката назад нема. За акварелот нема утре. Сликата мора да се заврши и за да биде успешна треба навистина многу труд, мајсторство, талент“, вели Илиева и дополнува дека во Македонија и нема голем број на уметници кои ја практикуваат оваа техника.

Таа истакнува дека акварел почнала да слика пред 20-тина години и дека во него се препознала како уметник.

„Се препознав како уметник најмногу во акварелот. Прифатен е акварелот од уметничката публика, од љубителите на уметноста, од оние што го препознаваат како чист акварел и заради тоа почнав да правам изложби и да уживам во неговите благодети, јас прво како уметник, а потоа и оние коишто се посетители и љубители на акварелот.“

Родена во Валандово, Илиева дипломирала на Педагошката академија во Скопје, а член е на Друштвото на ликовни уметници на Струмица. Покрај првата награда за акварел на 42-ликовна изложба во 2003 година и 10 самостојни изложби, зад себе има 30-на групни постановки и повеќе ликовни колонии во земјава и во странство. Таа истакнува дека слика и акрил и масло на платно, дека сликарството е голема духовна вредност и дека и се радува на секоја покана што ќе ја добие за учество на некоја колонија или посебно за претставување на нејзините акварели.

Изложбата на Снежана Илиева се одржува во рамките на одбележувањето на 19-годишнината од смртта на академскиот сликар, педагог и врвен мајстор на оваа сликарска техника Љубомир Белогаски зад кое стои Музеј на Град Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG