Достапни линкови

Републиканска блокада на гласањето за директор на ЦИА


Ренд Пол, сенатор од Кентаки.
Ренд Пол, сенатор од Кентаки.

Сенаторите од Републиканската партија се обидоа да го блокираат гласањето за Џон Бренан кого претседателот Барак Обама го наименува за директор на ЦИА. Тие бараа од администрацијата на Обама да издаде соопштение во кое јасно ќе се каже дека нема да употребува беспилотни летала во Соединетите Држави за убивање американски граѓани кои се осомничени за тероризам.

Опструкцијата против номинацијата на Џон Бренан за нов директор на Централната разузнавачка агенција ЦИА ја покрена републиканскиот сенатор од Кентаки Ренд Пол. Сепак, тој по тринаесетчасовен говор ја прекина блокадата без притоа да го добие бараното изјаснување од администрацијата на Барак Обама.

Јавниот обвинител Ерик Холдер деновиве му испратил писмо на сенаторот Ренд Пол во кое вели дека тој не би можел да исклучи употреба на беспилотни летала против осомничени Американци на територијата на Соединетите Држави.

Холдер во писмото прецизира дека, иако Обама нема намера да нареди такви напади, теоретски тоа е можно во вонредни услови како на пример при напади слични на оние врз Перл Харбор за време на Втората светска војна и врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.
Станав денеска за да почнам опструкција против номинацијата на Џон Бренан за ЦИА. Ќе зборувам додека можам. Ќе зборувам колку што е потребно, се додека од едниот до другиот брег не се вклучи алармот дека нашиот Устав е важен, дека вашите права на судење со порота се скапоцени, дека ниеден американец не треба да биде убиен со беспилотно летало на американска почва, без претходно да биде обвинет за кривично дело и да биде осуден.
Ренд Пол, сенатор од Кентаки.

Соединетите Држави редовно употребуваат беспилотни летала за напади врз цели за кои постои сомневање дека се терористички, особено во Пакистан, Авганистан и Јемен. Критичарите велат дека во ваквите акции покрај милитанти, гинат и многу цивили.

Загриженоста од вакви напади во Соединетите Држави порасна откако беше откриено дека администрацијата добила право да таргетира Америкаци за кои постои сомневање дека подготвуваат непосреден напад.

Активистите за човекови слободи велат дека со ваквите напади се повредуваат човековите права во земјата кои се заштитени со Устав.

„Станав денеска за да почнам опструкција против номинацијата на Џон Бренан за ЦИА. Ќе зборувам додека можам. Ќе зборувам колку што е потребно, се додека од едниот до другиот брег не се вклучи алармот дека нашиот Устав е важен, дека вашите права на судење со порота се скапоцени, дека ниеден Американец не треба да биде убиен со беспилотно летало на американска почва, без претходно да биде обвинет за кривично дело и да биде осуден“, изјави на сенатската говорница Ренд Пол.

Претходно, Џон Бренан изјави дека ЦИА нема овластување да изведува убиствени операции на американска територија.
Џон Бренан
Џон Бренан

За Бренан се смета дека бил главниот архитект на програмата со беспилотни летала. Неговите опоненти потсетуваат дека по 11 септември во такви напади во Јемен биле убиени Анвар ал Авлаки и Самир Кан, и двајцата американски државјани, без притоа да бидат обвинети и осудени од американските власти.

Официјален Вашингтон соопшти дека ал Авлаки бил поврзан со планирање на серија напади, вклучувајќи го и обидот за уривање на еден авион околу Детроит за време на Божиќните празници во 2009 година.

Користењето беспилотни летала почна за време на администрацијата на претседателот Џорџ Буш, но фреквенцијата се зголеми откако Барак Обама дојде во Белата куќа во 2009 година.

Рекордот на најдолга опструкција во Сенатот го држи сенаторот Стром Турмонд кој повеќе од 24 часа зборувал против Актот за граѓански права од 1957 година.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG