Достапни линкови

logo-print

Преговори меѓу Белград и Приштина, кој напушти губи


На вчерашната шестта рунда разговори меѓу премиерите на Србија и на Косово Ивица Дачиќ и Хашим Тачи не бил постигнат договор за регулирање на надлежностите на српските општини на Косово. Дали ќе биде постигнат на следната средба на 20 март, според експертите, ќе зависи од тоа колкава е желбата на Белград во јуни да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Чекорот напред на патот до Европската унија е многу посакуван од српските власти, но се поочигледно станува дека за таа цел би требало да попуштат од своите првични барања во врска со српските општини на Косово.

Притоа владата во Белград се соочува со тешка задача таквиот компромис да им го продаде на пратениците и на претседателот Томислав Николиќ, но и на Србите на Косово.
Митровица

Митровица


„Ми се чини дека за српската влада многу е важно да постигне успех, а тоа би било добивање датум за преговори. Во таа смисла навистина гледам подготвеност за компромис, односно дека пристапните преговори со Унијата се поважни од инсистирањето на некаков став во врска со Косово“, вели Флоријан Бибер, експерт за Западен Балкан на Универзитетот во Грац. Според него, секогаш може да се најде некаков компромис во позициите на двете страни во врска со српските општини.

Едноставно, оној што ќе ги напушти преговорите, губи. Тоа правило го сфати дури и тимот што го водеа Коштуница и Тадиќ во преговорите со Ахтисари. Значи опцијата непостигнување договор, не постои. Треба едноставно да се очекува уште најмалку еден разговор во март и завршување на овие разговори во април.
„Ако го земете например Охридскиот рамковен договор од 2001 година, ќе видите дека таму се предвидува можност за соработка на општините во одделни области. Тоа би можело да биде некаква основа и за косовската децентрализација.“

Дека е можен компромис се согласува и координаторот на Форумот за етнички односи Душан Јаниќ кој додава дека враќањето од Брисел без завршена работа не е опција ниту за Белград, ниту за Приштина.

„Едноставно, оној што ќе ги напушти преговорите, губи. Тоа правило го сфати дури и тимот што го водеа Коштуница и Тадиќ во преговорите со Ахтисари. Значи опцијата непостигнување договор, не постои. Треба едноставно да се очекува уште најмалку еден разговор во март и завршување на овие разговори во април.“

Јаниќ верува дека кога се во прашање овластувањата на заедницата на српските општини на Косово постои и резервна опција, бидејќи сегашната што ја претстави Белград е отфрлена од Приштина.
Имено, Белград бара автономија за косовските Срби која би била институционализирана со тоа што српската заедница би добила и извршни ингеренции.

„Ние сега не знаеме кој е планот Б за Белград. Ние знаеме што е максимумот, односно го знаеме планот А, а тоа е заедница на општини. Но, очигледно е дека постои и план Б и тоа ќе биде јасно на следниот состанок“, вели Душан Јаниќ.

Како и да е, за постигнување договор меѓу Белград и Приштина остана уште многу малку време со оглед на фактот дека компромис мора да биде постигнат пред 16 април кога Европската комисија и Кетрин Ештон му поднесуваат на Советот на министрите извештај за напредокот во дијалогот.

Токму тој извештај ќе биде биде пресуден дали Брисел ќе донесе одлука за утврдување датум за почеток на преговорите за членство на Србија во Унијата.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG