Достапни линкови

logo-print

Дерала - Опасност од насилства на изборите


Претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Претседателот на Цивил, Џабир Дерала.

Се надеваме дека сите актери во овој политички процес ќе се воздржат од насилство, но сериозно стравуваме дека насилството ќе се случи особено на денот на изборите, а секако дека извесни притисоци се присутни и овие денови. Барем според нашите дефиниции за тоа што е насилство, сметаме дека тоа насилство веќе се случува, вели претседателот на невладината организација Цивил - Центар за слобода, Џабир Дерала, во интервју за Радио Слободна Европа.

Цивил – Центар за слобода од почетокот на месецов има над 100 мобилни набљудувачи распоредени во сите општини во земјата, а на самиот ден на изборите оваа бројка ќе биде двојно поголема. Набљудувачите на Цивил имаат обврска да ја набљудуваат атмосферата и можните нерегуларности во поширок контекст на целата територија на земјата во подолг временски период, а не само на денот на изборите и не само на избирачките места. Претседателот на Цивил Џабир Дерала вели дека извештаите од теренот воопшто не се смирувачки.

Господине Дерала, кои се вашите согледувања од терен во пресрет на локалните избори?

Со оглед на специфичноста на овој изборен циклус, има многу новини во политичката атмосфера во Македонија. Нашите координатори на работни групи за превенција кои се распоредени во сите општини во Македонија, поделени во 9 региони носат навистина интересни, но за жал не многу смирувачки извештаи. Впрочем се случуваат најразлични притисоци на повеќе нивоа, на локално ниво пред сè, бидејќи сепак се работи за локални избори. Сега се гледа притисок врз гласачите да излезат на избори за да се постигне легитимитет, но од друга страна опозицијата ги убедува граѓаните да не излезат на избори за да не се обезбеди легитимитет на изборите. Ова е буквално ситуација во која граѓаните, односно гласачите, се наоѓаат во сендвич позиција.

За каков вид притисоци станува збор?

Притисоците се горе долу познати, се работи за притисоци кои се однесуваат на работното место на граѓаните, особено во доменот на администрацијата. Овие се многу евидентни, исто така начинот на агитирање станува се поагресивен, има многу говор на омраза во јавните настапи и на активистите и на политичките лидери, па и во медиумите. Има притисоци кои што дури во некоја смисла на зборот можат да ја имплицираат безбедноста на граѓаните и граѓанките, односно закани и уцени. Познатите „списоци“ се дури поедноставени, бидејќи се работи за една поинаква ситуација нели, бојкот или да се излезе на изборите и така натаму. Онаа кампањата од врата на врата знае некогаш да биде многу непријатна за граѓаните. Тие се жалат на манирот на активистите кои се позачестено тропаат на вратите на граѓаните и се обидуваат да ги убедат за она за кое се повикани се разбира.

Со што може да резултира ова тензично политичко опкружување во земјава, дали има опасност од инциденти и насилство на овие избори?

Ние секако дека ги искажуваме постојано нашите надежи дека сите актери во овој политички процес ќе се воздржат од насилство, но сериозно стравуваме дека насилството ќе се случи особено на денот на изборите, а секако дека извесни притисоци, односно состојби во општините се присутни и овие денови. Сметаме дека, барем според нашите дефиниции за тоа што е насилство, сметаме дека тоа насилство веќе се случува.

Ако на минатите избори главен ризик беа меѓуетничките тензии поради националистичката реторика на политичарите, што овој пат го прави поинаков ризикот за безбедноста на граѓаните?

Како и на другите изборни процеси во голема мерка тензиите се случуваат на интраетнички план, односно на план на политички партии односно опции. Секако дека меѓуетничките односи како прашање се во голема мера присутни и во овој изборен циклус особено што се однесува до регионот, односно општините околу Кичево, како и струшкиот регион, односно Струга како општина. Тука гледаме сериозни тензии и на меѓуетнички план, ги видовме веќе настаните во Кичево, имаше одредени тензии и во Струга, а секако дека овие тензии ќе се продлабочуваат, односно ќе се интензивираат како што ќе се наближува денот на изборите.

Каков е внатрешниот политички капацитет на партиите да одржат слободни избори без притисоци врз администрација, без инциденти, без закани, без насилство?

Никаков, тој е еднаков на нула. Напротив, не само што нема таков капацитет, тие не се ни обидуваат да изградат таков капацитет, бидејќи, притисокот врз администрацијата во земјава е една од алатките за политичка пресметка со противниците.

Вие од почетокот на месецов имавте стотина набљудувачи на терен, поради моменталната ситуација и бојкотот на опозицијата. Дали ќе го зголемите бројот на набљудувачи?

Секако дека ќе го зголемиме, тоа ни е во планот на нашиот проект затоа што мандатот на нашата организација и нашите набљудувачи и поддржувачи, како Швајцарската агенција за развој и соработка, е набљудување и поддршка на демократските процеси, како и почитување на човековите права и слободи. Без оглед на бојкотот на опозицијата на овие избори, ние се наоѓаме среде политички процес кој по многу нешта е слика за демократската култура и нивото на демократијата во земјава.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG