Достапни линкови

logo-print

Конгресот, најголем предизвик за дипломатија на САД


Американскиот државен секретар Џон Кери

Американскиот државен секретар Џон Кери

Американскиот државен секретар Џон Кери оценува дека најголемиот предизвик за американската надворешна политика не е нестабилноста на Блискиот Исток или јакнењето на Кина, туку Конгресот. Според него, најголемата опасност за Соединетите држави е кризата со домашниот буџет.

Во говорот на Универзитетот во Вирџинија американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека конгресмените би требало да сторат се за да ја надминат фискалната кризата, односно, како што изјави, да ги избегнат бесмислените кратења на буџетот.

„Не можеме да бидеме силни во светот, ако не сме силни дома. Мојот кредибилитет како дипломат кој треба да им помага на другите земји да воспостават ред ќе биде најсилен ако Америка конечно стави ред во својот домашен буџет. А тоа мора да биде сега. Размислете“.

Во спротивно, според него, тешко е да им кажете на лидерите на која било земја дека мораат да ги решат нивните економски проблеми.

Не можеме да бидеме силни во светот, ако не сме силни дома. Мојот кредибилитет како дипломат кој треба да им помага на другите земји да воспостават ред ќе биде најсилен ако Америка конечно стави ред во својот домашен буџет. А тоа мора да биде сега.

Стејт департментот соопшти дека автоматското намалување на буџетските трошоци, или таканаречената фискална бездна која се заканува од први идниот месец, ќе ги загрози хуманитарните, безбедносните и другите меѓународни програми во вредност од над две ипол милијарди долари.

„Распоредувањето дипломати денес е многу поевтино, од распоредувањето војници утре.“

Осврнувајќи се врз денешниот свет Кери изјави дека е неопходно да продолжи американската помош за сите на кои таа им е неопходна.

„Странската помош не е подарок. Тоа не е добродетелство. Тоа е инвестирање во силна Америка и во слободен свет. Кога им помагаме на другите да ја намалат корупцијата тоа ни олеснува и во нашата борба против корупцијата.“

Американскиот државен секретар Џон Кери притоа додаде дека во денешниот глобален свет веќе нема ништо надворешно во надворешната политика.
Наша цел не е да држиме некоја земја да биде вечно зависна од нас. Наша цел е да им помогнеме тие земји да го сфатат нивниот сопствен потенцијал, да ја развијат нивната способност да управуваат според законите и да станат наши економски партнери.

„Знам дека некои од вас и многумина во земјата посакуваат да ја нема глобализацијата или се потсетуваат на старите полесни времиња. Но, не постои политичар, без оглед колку е моќен, кој ќе може да го врати џинот во шишето. Затоа наш предизвик е да ги скротиме најлошите импулси на глобализацијата.“

Џон Кери наведе дека затоа Соединетите држави градат партнерство со другите земји, како например во намалувањето на нуклеарните закани и во борбата против глобалниот тероризам.

„Наша цел не е да држиме некоја земја да биде вечно зависна од нас. Наша цел е да им помогнеме тие земји да го сфатат нивниот сопствен потенцијал, да ја развијат нивната способност да управуваат според законите и да станат наши економски партнери“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери на предавањето на Универзитетот во Вирџинија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG