Достапни линкови

Протест на вработени во кичевската подружница на ЕМО


Протест на вработените во подружницата на ЕМО Охрид во Кичево.
Протест на вработените во подружницата на ЕМО Охрид во Кичево.

Триесетина вработени во кичевската подружница на ЕМО, откако ги презеде нова фирма, останале со нерешен статус затоа што биле болни. Тие сега се без плата, без сини картони и на принуден одмор. Бараат Управниот одбор и Владата да преземат мерки и да им го решат работниот статус.

Кичевчанецот Слободан Најдоски има 47 години, а речиси 26 работи во „ЧРС-Кичево“, подружница на ЕМО-Охрид. Некогаш било добро, добивале редовно плати, животот течел по некој нормален тек. Но, последниве десетина година, вели, состојбите се влошиле. Од стресот и стравот за работната судбина, добил шеќерна болест, потоа и срцето му ослабело. Под силен притисок и во стрес живее од април лани, плата не добиле од декември 2011, а пари за лекови нема.
И со срцето имам проблем, и немам ни сини картони, ни да појдам на лекар, ни да подигнам нешто, ништо ич. Пари за лекување немам. Па многу тешко, на улица, не сум на работа, ни јас, ни жената не е на работа, и таа не е на работа, нема пари од никаде.
Слободан Најдоски, вработен во „ЧРС-Кичево“, подружница на ЕМО-Охрид.

„И со срцето имам проблем, и немам ни сини картони, ни да појдам на лекар, ни да подигнам нешто, ништо ич. Пари за лекување немам. Па многу тешко, на улица, не сум на работа, ни јас, ни жената не е на работа, и таа не е на работа, нема пари од никаде.“

Плаче, не може да ги сопре солзите Најдоски, само ја покрива устата, инстинктивно, од срам, зашто е немоќен вели, како маж да се справи со судбината. Бил вреден работник, чесен, денеска е болен, ама одговорен човек, но што фајде од тоа.

Ништо помала не и е маката на Цвета Најдеска. И таа со години работела во фабриката. Барала сопствениците на Прототип да ја вработат како кранист, ама попусто.Останала во „ЧРС-Кичево“, во групата на отпишаните.
Работев 25 години и сега ги молев пак да ме вратат на кран, кога дојде Прототип рекоа не можете вие жени да работите таму, не пуштија. Јас ги молев, имам и слики од Германија како кранист, за да ме вратат на работа, оти тие немаат стручни, квалификувани лица, но тие не сакаа.
Цвета Најдеска, вработена во вработен во „ЧРС-Кичево“.

„Работев 25 години и сега ги молев пак да ме вратат на кран, кога дојде Прототип рекоа не можете вие жени да работите таму, не пуштија. Јас ги молев, имам и слики од Германија како кранист, за да ме вратат на работа, оти тие немаат стручни, квалификувани лица, но тие не сакаа“, се жали Најдеска.

Само затоа што се разболела и Милена Србиноска ја изгубила својата работа во новата фирма. И таа е на листата на болните работници од ЧРС за кои никој не води грижа. Во април минатата година, менаџерите на скопски Прототип, фирма која со машините на ЧРС, отворила своја фирма, веднаш до старата, ги анкетирала вработените на подружницата на ЕМО.

„Требаше тогаш да потпишуваме некои анкетни листови, отидов да го пополнам анкетниот лист и наведов од што сум оперирана, ми рекоа оди дома ќе ти се јавиме. После испадна дека не им требаат такви болни луѓе, и од тогаш сум на 70 отсто. Плата не сум добила, ни сини картони“, вели Србиноска.

Од 150-ина, 10 работници на кичевската подружница на ЕМО, во тие превирања оствариле право на пензија и се спасиле, како што велат, 100-ина биле преземени во Прототип, но овие 30-ина болни, останале во подружницата на ЕМО, на милост и немилост. Не само што не добиваат плата и сини картони, туку никој не ги бара. Им рекле дека се на принуден одмор со намалена плата од 70 отсто. Револтирани зашто, велат, манаџерите си поигруваат со нив, овие луѓе бараат, Управниот одбор и Владата да преземат мерки и конечно да ја стопираат нивната агонија. Да им го решат работниот статус, за да може да ги остваруваат другите законски права.

Побараваме, но не успеавме да добиеме одговор од менаџерите на ЧРС Кичево, како што не информираше обезбедувањето на фабриката, тие биле службено отсустни, а во нивно отсуство никој не можел да дава изјави.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG