Достапни линкови

Кавадаречки уметници во ликовен поход на Куманово


Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци.
Изложба на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци.

Од 21 февруари до 7 март, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се одржи „Годишната изложба 2012“ на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци со која оваа асоцијација ја заокружи 35 годишнината од своето постоење и успешно делување на ликовната сцена. Ова е и убав показ за соработката помеѓу институциите од двата града која оди на рака на пожелуваната децентрализација на културните настани во земјава.

Нецели два месеца по свеченото отворање во Галеријата при Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ , „Годишната изложба 2012“ на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци, ќе ја видат и кумановчани. Постановката со која беа заокружени 35-те години од постоењето и успешното делување на оваа ликовна асоцијација ќе се случува од 21 февруари до 7 март во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Во Куманово ќе се претставиме со 20 дела на исто толку уметници. Се работи за цртеж и комбинирани техники.
Ристо Соколов Сокол, ликовен уметник и претседател на ДЛУК.

„Во Куманово ќе се претставиме со 20 дела на исто толку уметници. Се работи за цртеж и комбинирани техники“, истакнува Ристо Соколов Сокол, ликовен уметник и претседател на ДЛУК.

Тој дополнува дека нивната последна Годишна изложба била токму на зададена техника – цртеж и дека дел од делата кои премиерно биле претставени тогаш сега ќе ги види и кумановската ликовна публика.

За одбележување е што минатата година Друштвото со своите членови се претстави на ликовна изложба во Париз – градот на уметноста. Истата таа изложба потем беше поместена и во неколку градови во Македонија, пред се во Кочани кој беше Град на културата, во Штип, Свети Николе и Пробиштип, а крајот на годината го завршивме со една ревијална изложба на цртеж или што ние, меѓу нас, ја нарековме Уметноста на хартија.
Владимир Темков, сликар и директор на Јавната установа Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.
Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци е формирано во 1977 година на темелите на Друштвото на млади ликовни уметници „Ластар“. Денес во оваа асоцијација има над 40 членови, а дел од нив доаѓаат и од други градови од Македонија, понесени од желбата не само да бидат чинители на активноста на една од најстарите и највлијателните ликовни асоцијации во земјава, туку и преку учествата на тамошните ликовни колонии и претставувањата на самостојните и групните изложби во градот, да остават своја трага на домашната ликовна сцена.

Од Кавадарци потекнуваат бардовите Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов..., а во денешно време на ликовната сцена во Македонија и пошироко високо котираат и Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Владимир Темков, Кирил Мукаетов и други.

Еден од основачите на Друштвото е и Глигор Стефанов, првиот наш уметник на Венециското ликовно биенале, а член на ДЛУК е и годинашниот македонски претставник во Венеција - уметницата Елпида Хаџи Василева (која патем подолго време живее и твори во Велика Британија).

„За одбележување е што минатата година Друштвото со своите членови се претстави на ликовна изложба во Париз – градот на уметноста. Истата таа изложба потем беше поместена и во неколку градови во Македонија, пред се во Кочани кој беше Град на културата, во Штип, Свети Николе и Пробиштип, а крајот на годината го завршивме со една ревијална изложба на цртеж или што ние, меѓу нас, ја нарековме Уметноста на хартија“, вели Владимир Темков, сликар и директор на Јавната установа Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Тој дополнува дека ваквата практика на претставување на делата од новата продукција на кавадаречките уметници ќе продолжи и во претстојниот период во уште неколку градови од земјата, за да потем кулминира со голема постановка во Скопје.

Инаку, во Градската галерија која е сместена во кавадаречкиот Дом на култура, во текот на минатата година се одржаа над 40 ликовни изложби на еминентни македонски автори меѓу кои и на академиците Васко Ташковски и Глигор Чемерски, Стефан Хаџи Николов и други, а во тек е фотоизложбата на клубот „Шкрап“ од Тетово.

„Во овој момент во нашата Галерија се наоѓа изложба на уметничка фотографија на членовите на фотоклубот „Чкрап“ од Тетово кои што се потрудија сите свои иновации во 2012 година, најдобрите свои дела, да ги донесат во Кавадарци за да може да ги види овдешната ликовна јавност. “

Темков го најавува и новото издание на Кавадаречката ликовна колонија на која во градот очекуваат над триесеттина интернационални уметници и потенцира дека ќе ја продолжат својата заложба за промоција на делата на младите македонски современи и авангардни ликовни творци.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG