Достапни линкови

Судири на антивладините протести во Бугарија


Софија, 18.02.2013.
Софија, 18.02.2013.

На вчерашните антивладини протести во Софија дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Протести имало и во дваесетина други бугарски градови на кои е побарано оставка на премиерот Бојко Борисов и предвремени избори.

Почнаа како демонстрации против високите цени на струјата, но прераснаа во антивладини протести во кои централно десничарскиот кабинет на премиерот Бојко Борисов се посочува како главен виновник за лошиот стандард на граѓаните во најсиромашната земја членка на Европската унија.

Просечната месечна плата во Бугарија изнесува околу 400 евра, додека просечната пензија нешто над 170 евра.

Живеевме за време на комунизмот и се сеќаваме на култот на личноста на Тодор Живков. И што сега имаме, Бојко за појадок, Бојко за ручек, Бојко за вечера, а луѓето немаат што да јадат. Презаситени сме.
демонстрант во Софија.
Во неделата во Бугарија беа одржани најголемите демонстрации уште од јануари 1997 година кога стотици илјади луѓе протестира против тогаш владејачката Социјалистичка партија која беше обвинета за тешката економска и финансиска криза.

Неколку илади граѓани протестираа и синоќа во неколку градови, а во Софија дојде и до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои, извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“, фрлале камења кон парламентот при што биле искршени неколку прозорци.

Во судирите имало и неколкумина повредени, додека полицијата привела единаесет лица. Дошло и до блокади на неколку булевари во градот.

„Ова веќе не е против високите сметки за струја. Ова е против владата“, цитираат новинските агенции еден од демонстрантите во Софија, кој наведува дека по оставката на непопуларниот министер за финансии Симеон Џанков сега му било ред и на премиерот Бојко Борисов.

„Живеевме за време на комунизмот и се сеќаваме на култот на личноста на Тодор Живков. И што сега имаме, Бојко за појадок, Бојко за ручек, Бојко за вечера, а луѓето немаат што да јадат. Презаситени сме“, додава еден друг демонстрант.

Аналитичарите пак, сметаат дека некогаш многу популарниот премиер навистина ја загубил врската со гласачите кои се повеќе се разочарани од растечката сиромаштија и од се пораширената корупција.

На пет месеци пред парламентарните избори, поддршката за малцинската влада на Борисов, според последните анкети на Галуп, падна на 22 насто и сега е на исто ниво со поддршката што ја има опозициската Социјалистичка партија.
Софија
Софија

Лидерот на социјалистите Сергеј Станишев веќе побара оставка на владата и итни консултации.

„Очигледно владата на Борисов ја нема неопходната доверба и нема кредибилитет да одговори на очекувањата на луѓето“, изјави тој, не исклучувајќи ја можноста и за предвремени избори.

Социјалистичката, но и некои други партии, како Движењето за права и слободи и Атака, инсистираат на итни меѓупартиски консултации кои би требало да бидат под покровителство на шефот на државата Росен Плевнелиев.

Партијата Атака ја обвинува владата и затоа што не успеала да се справи со, како што соопшти, „странските монополисти кои ја колонизираат Бугарија“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG