Достапни линкови

Методи на студентската борба


Драган Милевски, студент и активист во Слободен Индекс.
Драган Милевски, студент и активист во Слободен Индекс.

Блокадата како метод е успешна, бидејќи создава поголем притисок врз одговорните, се бојкотира наставата – што на крајот резултира преку парите и репутацијата на одговорните лица, пишува Драган Милевски од Слободен Индекс во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Сигурно ти е познат конформистичкиот синдром: џабе ти е, прилагоди се, нема начин да се променат нештата. Конформизмот не е алтернатива, но е длабоко вкоренет во сржта на повеќето студенти, па понекогаш делува дефетистички и на оние студенти спремни да се борат за своите права.
Доколку би имало упад во факултетот од некоја од јавните служби – студентите би се спротиставиле со пасивен отпор. Блокадата како метод е успешна, бидејќи создава поголем притисок врз одговорните, се бојкотира наставата – што на крајот резултира преку парите и репутацијата на одговорните лица. А кога се работи за пари и репутација – тоа е јазик кој одлично го познаваат надлежните и тогаш се отвора простор за преговори.

Е па, не ти е баш џабе и постојат различни методи на студентска борба и истите треба да се искористат, за да се реализира една здрава идеја. Затоа и би сакал да посочам на дел од тие методи, со цел да се надмине пасивизираноста на студентот и да стане свесен дека сепак, може да биде двигател на промени.

Прво, неопходно е да се почуствува потенцијал во одредена ситуација и гневот од истата да се рефлектира преку некоја продуктивна идеја. Тоа обично се одвива спонтано, низ обичен муабет со колегите, на некоја пауза или слично. Доколку има расположение – се оди на следен чекор, а доколку владее некоја воздржана атмосфера, во зависно од проблемот, може да се испровоцира расположение – низ пропаганда, полемика и слично. После тоа, би требало да се иницира студентска средба - пленум (која треба да стане и навика, односно контакт меѓу студентите), да речеме во амфитеатар и на истата би присуствувале сите загрижени во однос на конкретната проблематика. На таа дискусија, се разменуваат ставови и идеи – се формира некое јадро, смеса од оние подобри идеи на присустните. Таквата средба, треба да функционира по принципите на директна демократија: еден студент = еден глас. Ротирачка дискусија – секој што сака да се изјасни, го прави тоа слободно, но културно – барајќи збор, од модераторите на дискусијата. На крај од средбата, со гласање, се одлучува за нареден чекор.

Петицијата е еден од воведните методи, но често знае да потфрли бидејќи е посреден метод, така што, нејзина задача е да покаже дека има незадоволство и да изврши почетен притисок врз одговорните. Доколку одговорните покажат игнорантност, на повторна студентска средба - пленум, се одлучува за следен чекор, зависно од капацитетот со кој што се располага и просторот за делување, чии што маргини, со труд и упорност може да се прошират, па да се добие поголем простор. На нивната игнорантност – се одговара со известување, дека ќе ја радикализирате борбата, со нареден чекор - протест, за кој што е добро да се свика прес и да се известат новинарите за тековната состојба на факултетот, со што се зголемува притисокот врз одговорните.

Протестот има за цел тоа претходно „интерно” незадоволство да го прикаже и надвор од рамките на матичниот факултет, со што се добива на внимание и на сериозност, а паралелно – се создава и дополнителен притисок. Никој не сака медиумите да му висат над глава, а тоа подразбира и многу телефонски повици со инструкции до одговорните да се релаксира состојбата, што значи - можеби би дошло до преговори. Да, паралелно тоа значи и притисок врз студентите, од родители, професори, деканат и слично. Етикетирања, провокации, изложување на лични податоци низ полтронските меинстрим медиуми и слично. Но, сето тоа може да се амортизира, доколку се солидаризираме едни со други и си го штитиме грбот. И ова не е некое чудо, можно е и се изведува, токму во онај момент – кога ќе ја заобиколиме себичноста. Така и се подига моралот, што значително ја олеснува борбата и е додатен стимул.

Еден од условите за успех е ротирачкиот контакт со новинари (да се ротираат студентите и секоја наредна изјава да е од различен студент, но заеднички подготвена и прецизна, со што би се избегнале манипулирањата и монтажите на изјавите) со што се добива рамномерно експонирање, со цел иницијативата да не се идентивикува со имиња, туку со еден студентски колектив, со што би се редуцирал и ризикот од манипулирање со ситуацијата и притисоците врз студентите. Доколку и овај чекор се исцрпи, тогаш се оди на друг, порадикален чекор, кој што од искуствата во соседните земји на Балканот и пошироко, се покажа како најуспешен од горенаведените. Тоа е блокада на факултетот. Се бојкотира наставата и студентите го превземаат факултетот. Во тој случај, се функционира нормално, само наставата е прекината. Паралелно функционираат студентски средби – пленуми, на кои што учествува секој што е заинтересиран и се одлучува што понатаму.

Доколку би имало упад во факултетот од некоја од јавните служби – студентите би се спротиставиле со пасивен отпор. Блокадата како метод е успешна, бидејќи создава поголем притисок врз одговорните, се бојкотира наставата – што на крајот резултира преку парите и репутацијата на одговорните лица. А кога се работи за пари и репутација – тоа е јазик кој одлично го познаваат надлежните и тогаш се отвора простор за преговори.

Ова се дел од методите кои што може да ги применат студентите со цел да се изборат за своите права, што во крајна линија, се сведува на тоа дека, студентот сепак може да има моќ, но потребно е да го надмине стравот и да посегне по неа.
XS
SM
MD
LG