Достапни линкови

Ангелов - Поранешен командант на ОНА не смее да ја води одбраната


Прес-конференција на Стојанче Ангелов од партијата Достоинство пред македонското Собрание.

Прес-конференција на Стојанче Ангелов од партијата Достоинство пред македонското Собрание.

Претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не му дадат поддршка на Талат Џафери да стане нов министер за одбрана. На прес-конференција пред Собранието, Ангелов рече дека Џафери не треба да раководи со одбраната затоа што е поранешен командант на ОНА кој пред 12 години ја нападна Македонија. Изборот на Џафери, според него, е понижување на македонските бранители.

„Ги повикувам сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои во срце останале вистински вмровци и за кои сум убеден дека сè уште ги има во ВМРО-ДПМНЕ. Соберете се барем десетина и не гласајте за овој понижувачки предлог. Само 9 вистински вмровци од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се доволни за да се избегне оваа национална катастрофа“, рече Ангелов.

Собранието денеска треба да избере нови министри. По оставките на Теута Арифи од евроинтеграции и Невзат Бејта од локална самоуправа, премиерот Никола Груевски предложи министерот за одбрана Фатмир Бесими да ги преземе евроинтеграциите, на негово место да дојде пратеникот Талат Џафери, а актуелниот-заменик министер за транспорт и врски Тахир Хани треба да биде нов министер за локална самоуправа. Промени ќе има и на заменик-министерските места. Арифи и Бејта поднесоа оставки, затоа што се кандидираа за градоначалници на Тетово, односно Гостивар.
XS
SM
MD
LG