Достапни линкови

Задолжницата - Успешна за големите, малите долгови останаа


Бизнис заедницата смета дека сега треба да се воведе дополнително уште некој инструмент со кој би се решавале помалите задолжувања.

Задолжницата се покажа како успешна во елиминирање на големите долгови на компаниите, но не е практична за справување со малите долгови, велат бизнисмените, кои порачуваат дека треба да се спроведат нови мерки.
Бизнис заедницата односно Сојузот на стопански комори смета дека сега треба да се воведе дополнително уште некој инструмент кој би ги обезбедувал помалите задолжувања.

Владата го воведе овој инструмент на 1 септември минатата година со цел да се дисциплинираат должниците по барање на стопанствениците за воведување на ефикасен начин за наплата на побарувањата.

Мирче Чекреџи од Сојузот на стопански комори вели дека задолжницата ја исполнила својата цел.

„Тој се покажа како инструмент кој е добар за обезбедување на меѓусебните должничко-доверителски односи меѓу компаниите во приватниот сектор, кога се работи за поголеми зделки. Бизнис заедницата, односно Сојузот на стопански комори смета дека сега треба да се воведе дополнително уште некој инструмент кој би ги обезбедувал помалите задолжувања.“
Кај нас борбата е за воведување на еден платежен инструмент за да имa една побрза динамика во наплатата да се направи ред, а со тоа што повеќе да функционира пазарот и да има олеснување на производството.

Бизнисменот Огнен Оровчанец вели дека секоја алатка која овозможува намалување на ненаплатените побарување е позитивна, но задолжницата не ги решава малите долгови. Според него, тие долгови се честа појава и затоа е потребно да се воведе платен налог.

„Кај нас борбата е за воведување на еден платежен инструмент за да имa една побрза динамика во наплатата да се направи ред, а со тоа што повеќе да функционира пазарот и да има олеснување на производството.“

И Чекреџи смета дека треба да се извршат измени во Законот за платен промет.

„Ако се направат измени во законот за платен промет, на компаниите во приватниот сектор да се даде иста можност како што ја имаат на пример УЈП и банките, да може самите да наплатуваат со помош на платен налог, тоа би било сосема во ред.“

Министерот за финансии Зоран Ставрески при стартувањето на задолжницата изјави дека е задоволен од интересот на компаниите за овој инструмент, но дека тој нема потреба да важи и за државата, бидејќи бил донесен по иницијатива на бизнисмените и дизајниран како и во другите земји. Владата неодамна соопшти дека на компаниите им должи уште 19,5 милиони евра.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG