Достапни линкови

logo-print

Важна е приказната на оној што го гледа делото


Сликарката Анета Ивановска–Симјановска.

Сликарката Анета Ивановска–Симјановска.

По нецели девет години, Анета Ивановска–Симјановска по втор пат стана добитничка на традиционалната престижна награда за сликарство „Петар Мазев“ што ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Анета Ивановска-Симјановска слика енергично со последниот нерв од својата душа. Нејзините слики изобилуваат со драматика, динамичност и импулсивност преточени во специфичен ликовен ракопис што влијае врз емотивниот сензибилитет кај гледачот будејќи ги така рационалните сомнежи и претпоставки. Нејзините дела носат поплава од сензибилни асоцијации што дејствуваат мошне силно создавајќи патокази кон основната идеја на авторката. Сликите пулсираат полни со див ритам и енергија, одушевуваат со бесконечни креативни замисли исполнети со многубројни детали на величествената нефигуративност.
Работата е важна. Да имате континуитет и да го сакате тоа што го работите. Кога ќе добиете награда тоа ви е само потврда на тоа дека сте на добар пат да дадете повеќе од себе. Едноставно ве инспирира да работите што повеќе и повеќе можете.

Ова ќе го запише Лилјана Христова во каталогот за третата самостојна изложба на Анета Ивановска Симјановска, што во ноември минатата година се одржа во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица во Скопје. Нецели три месеци подоцна, уметницата по вторпат ја доби традиционалната награда за сликарство „Петар Мазев“ што ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Слика на сликарката Анета Ивановска–Симјановска.

Слика на сликарката Анета Ивановска–Симјановска.


Мојата цел е секој што ќе ги види моите дела да си создаде своја приказна. Како тие дела него го инспирираат. Не е важна мојата приказна, туку приказната на оној што го гледа делото. Тоа се асоцијативни пејсажи. Доаѓаат од земјата, од структури, текстури, од светлина, дамки, флеки... од каде било. Сето тоа некако потсвесно си доаѓа само од себе и тоа што јас си го гледам во реалниот свет си го претставувам на платното. На него се моите чувства, а не погледи.
„Работата е важна. Да имате континуитет и да го сакате тоа што го работите. Кога ќе добиете награда тоа ви е само потврда на тоа дека сте на добар пат да дадете повеќе од себе. Едноставно ве инспирира да работите што повеќе и повеќе можете“, вели сликарката која и во 2004 година, непосредно по својата деби самостојна постановка, по прв пат го доби ова високо признание од колегите, практично од Советот на ДЛУМ.

За Анета Ивановска Симјановска се нагласува дека е млада авторка која што и останува верна на сликарската традиција пробивајќи се до апстрактно-асоцијативните, ликовно-филозофските толкувања на новиот пејсаж во ликовната уметност во Македонија.
Слика на сликарката Анета Ивановска–Симјановска.

Слика на сликарката Анета Ивановска–Симјановска.


„Мојата цел е секој што ќе ги види моите дела да си создаде своја приказна. Како тие дела него го инспирираат. Не е важна мојата приказна, туку приказната на оној што го гледа делото. Тоа се асоцијативни пејсажи. Доаѓаат од земјата, од структури, текстури, од светлина, дамки, флеки... од каде било. Сето тоа некако потсвесно си доаѓа само од себе и тоа што јас си го гледам во реалниот свет си го претставувам на платното. На него се моите чувства, а не погледи.“

Вперувајќи го погледот кон иднината во која и натаму себе се гледа како слободен уметник, сликарката го нагласува токму континуитет во творештвото.

„Патот продолжува понатаму. Дефинитовно нема да се случи истата слика, истото платно. Тоа може само да се надгради и да се збогати со уште повеќе емоции, уште повеќе детали. Важно е работата да продолжи понатаму, да не застанува. Да има еден свој континуитет и едното постојано да се поврзува со другото.“

Родена 1976 година во Скопје, Анета Ивановска Симјановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на одделот сликарство со конзервација и реставрација во класата на професор Танас Луловски. Член е на ДЛУМ и на Друштвото на ликовните уметници на Битола и зад себе покрај трите самостојни изложби има бројни учества на ликовни колонии и групни постановки во земјава и во странство. Покрај двојното освојување на големото признание за сликарство „Петар Мазев“, таа неодамна се стекна и со откупна награда на Меѓународниот ликовен конкурс за акварел што го доделува Општина Карпош. Инаку, нејзините амбиции се конечно своето асоцијативно сликарство да го претстави пред публиката во земјите од регионов, а веќе подолго време ја подготвува и новата самостојна постановка на која ќе се најдат акварели и цртежи.

Кон ова, само уште информацијата дека уметницата, низ години наназад се бави и со хорско пеење, најнапред како членка на Женскиот младински хор и потем на хорското студио „Рустико“ од Скопје со кое раководи професорот Запро Запров.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG