Достапни линкови

Велковски - Владата доцни со плаќањата за Скопје 2014


Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во Стопанската комора на Македонија и советник од СДСМ во Град Скопје.

Никола Велковски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во Стопанската комора на Македонија и советник од СДСМ во Град Скопје.

Во неформални разговори градежниците зборуваат дека владата не им плаќа редовно за Скопје 2014, но фирмите никогаш јавно не проговорија колку им се должи. Тие по свои линии си ја бркаат наплатата, вели во разговор за РСЕ, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Никола Велковски.

Какви промени направи проектот Скопје 2014 во градежниот сектор?

Скопје 2014 е непрофитабилен проект. Ние како градежници тоа не може да го зборуваме, но треба да го зборува јавноста, урбанистите, граѓаните... Ние како градежници бараме работа и бараме инвеститори, платежно можни инвеститори коишто ќе ни дадат работа, да конкурираме под еднакви услови, да земеме работа, да ја сработиме и да наплатиме.

Дали редовно се исплаќаат извршените услуги кога владата или нејзините институции се јавуваат како инвеститори?

Ние имаме одржано повеќе состаноци во тој дел и за жал во неформални разговори градежниците зборуваат дека не се плаќа, дека не се плаќа редовно. А кога ќе кажеме ајде на официјален состанок да излеземе, да излезат тие што работат, јас сум само претседател на групација на градежници, а ангажирани фирми се знаете кои, тоа се 5,6, 10 фирми колку се ангажирани, кој успеал да добие на тендерите, тие никогаш јавно не проговорија колку им се должи. А неформално зборуваат дека се доцни, не им се плаќа редовно.

Зошто?

Јас мислам дека не се работи за класично кажано страв, туку тоа е водење на деловна политика за да не си го изгуби местото кај инвеститорот и никогаш не кажува дали се должи или не се должи. Тие по свои линии си ја бркаат наплатата. Ако се здружени во Комора и ако бараат за многу видови на заеднички проблеми да ги изнесеме пред Владата. Ова е горлив проблем затоа што да речеме градежништвото уште стотина други подизведувачи ангажира, тоа е една врзан синџир и ако не се плаќа кај првиот носител на договорот, сите тие што се во синџирот исто така имаат проблем со наплата и со ликвидност.

Со оглед на тоа што тендерите ги добија 2-3 домашни и неколку странски компании, како тоа влијае врз останатите градежни компании во земјата? Во каква позиција ги остава?

Поголемите фирми, оние кои сега се ангажирани, барем Гранит, Бетон и уште некои, беа ангажирани надвор со поголемиот дел од своите капацитети и ресурси и тоа нас ни оставаше простор, помалите фирми да можат да бидат ангажирани на проекти на домашниот пазар и со домашни инвестиции. Но во неможност да ги пласираат во најголем дел своите ресурси надвор, нашите поголеми фирми практично станаа конкуренција на домашниот пазар. И сега тоа е всушност најголемиот проблем, што големите, не успевајќи да излезат надвор, своите ресурси ги ангажираа на домашниот пазар и тоа направи еден вид на конкуренција. Од друга страна инвеститорите кога ги правеа условите за тендерирање, бидејќи се работи за поголеми објекти со поголема сума на инвестиции и беа многу појаки условите во тендерите и практично нас не лиши, поголем дел од фирмите, средни и мали, не лиши да бидеме конкурентни при лицитирање. Значи тоа го направија присутноста на големите фирми и условите кои беа во тендерите.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG